Во Крива Паланка годинава петнаесет првачиња повеќе од лани

Во Крива Паланка годинава петнаесет првачиња повеќе од лани

Крива Паланка, 31 август 2018 (МИА) – Во двете кривопаланечки основни училишта во претстојната учебна година се запишани вкупно 179 првачиња, петнаесет повеќе од лани. Од нив, во ООУ „Јоаким Крчовски“ ќе учат 94 првоодделенци, додека во ООУ „Илинден“ ќе учат 85.

- Годинава во прво одделение ќе тргнат 85 првоодделенци, 12 повеќе од лани, кога имало 73. Од вкупната бројка 58 ќе учат во матичното училиште, а 27 во подрачните училишта и тоа: 15 во село Конопница, девет во Мождивњак 1 и три во Мождивњак 2. Сите на свечен прием ќе бидат пречекани в понеделник, со пригодна програма подготвена од страна на петтоодделенците, а од градоначалникот и општината сите првачиња ќе добијат и подароци со училишен материјал и прибор, информира директорката на ООУ „Илинден“ Марица Николовска.

Николовска посочи дека тековно извршени се потребните санации, саниран е дел oд спортската сала во Мождивњак 1, спроведени се молерофарбарски работи, а деновиве согласно одлука на седница на Советот на општина Крива Паланка ќе биде асфалтиран и пристапниoт терен на централното училиште.

Во ООУ „Јоаким Крчовски“ се прават финалните подготовки за пречек на сите учениции на почетокот на учебната 2018/19 година.

- Во нашето училиште оваа учебна година се запишани вкупно 94 првачиња, од кои 87 ќе учат во централното училиште, а седум во подрачните. Четири првачиња ќе посетуваат настава во село Луке, а три во Жидилово. Bо седум од вкупно деветте подрачни училишта на „Јоаким Крчовски“ нема запишано првачиња, изјави директорот на ООУ „Јоаким Крчовски“ Дане Петровски.

Приемoт на првачиња ќе се одржи в понеделник во 11 часот.

- Дополнително, во нашето училиште се ивршени сите неопходни подготвителни активности, а утре ќе биде извршена и сезонската дезинфекција во сите објекти, додаде Петровски.

Подрачната единица на Хигиено-епидемиолошка служба на Центарот за јавно здравје-Куманово утре ќе изврши дезинфекција и на објектите на ООУ „Илинден“ во Крива Паланка. ид/мд/13:55

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ