• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Почна наставата во дограденото ОУ „Гоце Делчев“ во Центар

Почна наставата во дограденото ОУ „Гоце Делчев“ во Центар

Скопје, 10 септември 2018 (МИА) - Со пет дена задоцнување почна наставата и новата учебна година во ОУ „Гоце Делчев“ во Центар, кое е доградено на површина од  532 квадратни метри има  нови простории со што е зголемен просторниот капацитет за ученици. Покрај доградбата, целиот објект има нов лик - заменета е фасадата, во училниците се ставени нови подови и врати.

На првиот училишен ден училиштето го посетија заменик-министерот за образование и неука Петар Атанасов и градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ.

- Задоцнувањето на наставата беше од единствена причина да обезбедиме безбедност за децата. Имаше голем градежен зафат и со исклучителни залагања на Општина Центар и на вработените во училиштето, за некоклку дена се создадоа услови - беа издадени налози од државните инспекторати и денес наставата продолжува и училиштето, кое има голема традиција, сега е во прекрасна кондиција, изјави Атанасов, очекувајќи родителите на учениците да имаат разбирање за одложениот почеток на учебната година. 

Градоначалникот Богдановиќ рече дека застојот во градежните зафати не бил кај изведувачот, туку причината е судска пресуда со извршно решение на сметката на Општина Центар со што, како што рече, запираат сите налози за работа што треба да се потпишат. 

- Дојдовме до еден вакуум не по наша вина. Ова се некои работи кои Општината и јас како градоначалник ги начекуваме сега. Општината се одглави, но тој вакуум период од неколку недели направи вакуум и во работата, бидејќи не можевме да потпишуваме налози за работа и да се продолжат планираните  активности, рече Богдановиќ, нагласувајќи дека е најважно што по многу години се интервенирало во ова училиште во центарот на градот и дека се менува од темел. 

Изјава ОУ Гоце делчев

Соопшти дека во октомври ќе бидат опремени новите осум простории во училиштето (дел училиници, а дел помошни простории). Најави и дека за децата од Центар во мај 2019 година ќе биде готово ново модерно основно училиште во населбата Капиштец. 

Директорката на ОУ „Гоце Делчев“ Наде Молеровиќ рече дека имаат план и програма како ќе ја надоместат наставата од петте изгубени денови. 

- Во соработка сме со Инспекторатот каде што доставивме програма, а имаме интерен распоред со кој секој наставник си знае како до крајот на првото полугодие ќе си ги одработи сите часови. Тоа е најмалиот проблем за нас, изјави Молеровиќ. Очекува дека по официјалното отворање во октомври, ќе почнат да работат во една смена, нагласувајќи дека ОУ „Гоце Делчев“, кое постои 61 година, е единствено во Центар што работи во две смени. Во оваа учебна година настава во ова училште ќе посетуваат  519 ученици. 

Заменик-министерот Атанасов во изјава за медиумите рече дека до крајот на оваа и почетокот на наредната недела ќе заврши распределбата на учебниците. 

- И тука имаше некои објективни потешкотии, но се ќе заврши како што треба. Да бидеме трпеливи уште неколку дена, порача Атанасов. хс/дма/12:42

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ