• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 27 август 2018 (МИА) - Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Т.Ш. (58) село Черкези, кумановско, за сторено кривично дело „измама“.

Во текот на 2017 година пријавениот на лице од Белгија му понудил плац за изградба на куќа во село Черкези кој бил во негова сопственост. По ова, двајцата се упатиле во адвокатска канцеларија каде склучиле пред-договор за купопродажба на недвижен имот, каде што пријавениот приложил имотен лист од 2013 година за катастарска парцела кога истата се уште била негова сопственост, а подоцна со Договор за подарок посочениот го префрлил на име на својот син, при што ги довел до заблуда адвокатот и оштетениот кој исплатил во неколку наврати капар во вкупен износ од 2.000 евра.

СВР Штип поднесе кривична пријава против З.И. (57) од Штип, за сторени две кривични дела „измама“.

Во периодот од декември 2016 до март 2018 година, пријавениот довел во заблуда двајца браќа од село Пешталево дека ќе им посредува за добивање на бугарско државјанство и бугарска патна исправа, при што му дале 43.000 денари.

Полициска станица Радовиш поднесе кривична пријава против Д.М. (37) од село Раклиш,  радовишко, за сторено кривично дело „измама“.

Во текот на 2017 година, пријавениот со лажно ветување дека ќе му извади лична карта од Р. Бугарија, го довел во заблуда оштетениот и му одзел 550 евра, по што не му ги враќал парите и не му се јавувал на телефон.

Рано изутринава во Тетово на автобуската станица, М.К.(55) од Тетово со остар предмет му нанел убодна рана во пределот на стомакот на Ф.А.(56), исто така од Тетово.

Ф.А. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Причина е претходна расправија помеѓу двајцата такси возачи. По преземени мерки М.К. е пронајден и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 26 август во 16,56 часот вработен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ пријавил дека е донесен, Е.И.(20) од село Визбегово, скопско со повреди од пиштол.

Имено, околу 15,00 часот, додека Е.И. се движел пеш по улица „Индира Ганди“, наишла колона возила со луѓе што оделе на свадбена веселба. Притоа, едно од возилата застанало во близина на Е.И., од него излегло непознато лице и од пиштол испукало еден куршум кој го погодил Е.И. во десната нога. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Ноќеска половина час по полноќ на паркинг на улица „Роберт Кох“ додека К. Ш. (28) од Скопје паркирал патничко возило „Голф“ во кое била и Е.Ш. (27) од Скопје, четири непознати лица почнале со безбол палки да го кршат возилото, а кога К.Ш. излегол од возилото, бил физички нападнат од лицата.

На Е.Ш., поради вознемиреност, и е укажана лекарска помош во Градската општа болница „8-ми Септември“. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Денеска во 08:55 часот во Полициска станица Струга  пријавено е дека во каменоломот лоциран во место викано „Лабунишки ливади“ З.В.(36) управувајќи товарно моторно возило непозната марка, при враќање наназад, го прегазил С.А.(41) од село Долно Татеши, струшко.

Повредениот починал на местото на настанот. Увидот е во тек.

На 26 август околу 22,00 часот во Тетово поради непријавен престој приведена и задржана е албанската државјанка Ф.В.

Лицето е предадено во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за понатамошна постапка.

На 26 август во 01.20 часот во Полициската станица Бит Пазар, Б.А.М.(23) од Германија пријавил дека истиот ден околу 00.15 часот на булевар „Крсте Мисирков“, тој и неговиот  пријател Г.С.(33) од Турција физички биле нападнати од  непознати лица.

Се преземаат мерки за пронаѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

Рано изутринава околу 03:00 часот во Полициската станица Бит Пазар, Б.А.(29) од Скопје пријавил дека напретходната вечер околу 18:00 часот од пазарот Бит Пазар исчезнал неговиот брат П.А. (37).

Се преземаат  мерки за пронаоѓање на лицето.

На 26 август во 15:00 часот во Полициската станица Кисела Вода, С.Н.(52) од  Скопје пријавил дека од 24 август од 16:30 часот од дома во непознат правец се оддалечил неговиот син И.Н.(25).

Се преземаат мерки за проноѓање на лицето.

На 27 август во 00.30 часот во Полициската станица Центар, М.Д.(38) од Скопје пријавил дека на 26 август околу 20:30 часот на улица „Славе Георгиевски Шанјдер“ неговата 14-годишна  ќерка била нападната од две кучиња – скитници. Едното куче ја каснало на левата нога. 

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против К.К. (29) од Свети Николе и Н.Ц. (31) од Охрид, за сторени две кривични дела „злоупотреба на лични податоци”. 

Во периодот на август и октомври 2017 година, пријавените во два наврати на две плажи во Охрид извршиле фотосесија на пет девојки од Охрид со изговор  дека ќе бидат фотографирани за модна агенција од Р.Србија со цел да бидат избрани за манекенки, презентерки, фотомодели и снимање спотови.

За услугата им бил даден надомест од по 600 денари, а им биле фотографирани и личните документи.  По ова во текот на 2018 година фотографиите и личните податоци на девојките, без нивно знаење и согласност биле објавени на веб сајт кој бил креиран за остварување контакти и интимни средби со девојки.

Полициска станица Прилеп поднесе кривична пријава против Ф.К. (19), Б.И. (20) и А.К. (20), сите од Прилеп, за сторено кривично дело „насилство“.

На 15 јули во Прилеп  на улица „Сотка Ѓорѓиоски“ пред наплата рампа на излез од катната гаража, додека А.С.(31), Ѓ.П.(23) и С.Б.(22), сите од Кривогаштани седеле во патничко возило „ Мерцедес“ и чекале ред за наплата на паркинг, пријавените почнале да удираат по возилото, а потоа насилно ги извадиле од возило и физички ги нападнале, нанесувајќи им телесни повреди по главата и телото.

Полициска станица Прилеп поднесе кривична пријава против Б.Д. (71) во село Десово, прилепско, за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ при семејно насилство.

На 4 јуни околу 13,00 часот во Прилеп во село Десово, во дворот од неговата куќа настанала семејна расправија, при што пријавениот со пиштол му се заканил на својот син.

Полициска станица Радовиш поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(22) од Радовиш, за сторено кривично дело “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста”.

На 1 август околу 15:15 часот во Радовиш, на магистралниот пат кај клучката за село Ињево, од страна на полициски службеници при извршена контрола на патничко возило „Лада самара“, управувано од пријавениот, истиот немал документи за возилото, а кога биле преземени дејствија за одземање на возилото со цел утврдување на неговата сопственост, пријавениот се спротивставил и им се заканувал на полициските службеници, а во еден момент турнал еден од полициските службеници.

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Г.Р. (51) од Охрид, за сторено кривично дело „повреда на правата од работен однос”.

Во период од 2014 до 2018 година, пријавениот како раководител во Одморалиште на МВР на РМ во населбата ,,Свети Стефан” во Охрид, спротивно на Упатството на МВР на РМ за начинот на евидентирање на реализирани часови на работа на еден вработен му го одзел и ограничил правото за исплата на надоместокот по наведениот основ и му нанел штета од 224.007 денари, која треба да биде исплатена од страна на МВР. сст/13:27

###

 

 

 

 

 

 

 

 

           

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ