Спасовски во Ѓорче Петров: Безбедносната состојба во општината поволна, криминалот намален

Спасовски во Ѓорче Петров: Безбедносната состојба во општината поволна, криминалот намален

Скопје, 31 август 2018 (МИА) - Безбедносната состојба на територијата  на општина  Ѓорче Петров  е  поволна, со евидентно намалување на криминалот, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета на полициската станица во Ѓорче Петров и локалната самоуправа.

- Ова е една од полициските станици која што има огромна територија  и за која треба голем ангажман и многу материјално-технички и човечки ресурси.  Во тој дел направивме напори да ги подобриме условите за работа. Минатата година ја пуштивме во употреба и новата полициска станица, целосно опремена, а веќе и бројот на полициски службеници е зголемен, што создава можности за подобро функционирање, рече Спасовски.

Тој потенцира дека од исклучителна важност е полициските службеници да имаат добри услови за работа и врвен приоритет и оваа година е токму подобрувањето на условите за работа во полициските станици, но и набавка на потребната опрема за полициските службеници

- Еден од клучните предизвици не само тука, туку и во цела држава  е во делот на сообраќајот и тука се работи плански повеќе од шест месеци. Ќе ја искористам и оваа прилика да апелирам до граѓаните на одговорно однесување во сообраќајот, почитувањето на сообраќајните правила и прописи, порача Спасовски.

Министерот оствари средба и со градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Наумоски, на која разговараа за прашањата кои се од заеднички интерес на полицијата и локалната самоуправа.

- Со градоначалникот разговаравме за безбедносната состојба, за соработката што ја имаме меѓу општина Ѓорче Петров и МВР. Обновувањето на врската меѓу полицијата и граѓаните мора да ја направиме заеднички. Разговаравме околу функционирањето на советите за превенција, а сакам и да му се заблагодарам на градоначалникот Наумоски за досегашната успешна соработка, пред се во средувањето на состојбите во касарната Ѓорче Петров, рече Спасовски.скс/ев/17:11

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ