• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 1 септември 2018 (МИА) - Вчера во 16,37 часот во Полициската станица Охрид пријавено е казнено дело „убиство“ извршено врз Б.П. (47) во нејзината куќа на улицата „Илинденска“ во охридското село Велгошти. На местото на настанот, извршен е криминалистичко-технички увид предводен од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид како и полициски екипи од СВР Охрид. По преземени мерки, синоќа во 21 часот во Струга приведено и лишено од слобода е едно лице од Охрид по што, во консултација со јавен обвинител ќе бидат преземени понатамошни мерки за целосно расветлување на случајот. По наредба на јавен обвинител, врз телото на починатата ќе биде извршена обдукција.

Вчера во 14,30 часот било пријавено дека на локалниот пат за с.Нистрово-мавровско на местот викано „Ќумурана“ при случајна средба, а по претходна расправија, К.У.(51) од Гостивар, со еден испукан куршум од пиштол го погодил Е.М.(24) од с.Здуње во пределот на стомакот, по што го напуштил местото на настанот. Повредениот бил пренесен во Медицинскиот Центар во Гостивар, но поради сериозноста на повредата бил префрлен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. По превземени мерки од страна на полициски службеници осомничениот бил затекнат како управува патничко моторно возило „Фиат Панда“ со италијански национални ознаки по што бил запрен, а во возилото бил пронајден еден пиштој марка “ЦЗ“ калибар 7.62 мм, кој го поседувал без дозвола. Од страна на јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Гостивар бил извршен увид. К.У. е приведен и задржан, а се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На магистралниот пат Ресен-Битола, кај местото викано „Црвен“ вчера околу 16,10 часот товарно моторно возило “Мерцедес“ со битолски регистерски таблици управувано од С.С.(61) од Битола се превртело. Во незгодата С.С. се здобил со повреди, по што бил пренесен во Јавната здравствена установа во Ресен за укажување на лекарска помош. Сообраќајот на делницата од Ресен до Макази поради истурен товар од товарното возило бил во целосен прекин од 16,20 до 21,30 часот. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Ресен и се работи на целосно расчистување на случајот.

Вчера во 09,45 часот во Полициската станица Чаир Д.М.(53) пријавил дека од 30.08.2018 година од домот во непознат правец се одалечила неговата сопруга М.М.(48). Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 29.08.2018 година на Граничниот премин„Ќафасан“ на влез во Република Македонија бил лишен од слобода Д.Л.(41) од Република Албанија, затоа што за истиот имало распишана меѓународна потерница од Интерпол-Виена, со цел екстрадиција во Австрија за сторено кривично дело - “вооружен грабеж“. Истиот бил изнесен пред Основното јавно обвинителство Струга и предаден на Основниот Суд Струга, каде на 30.08.2018 година му била одредена мерка екстрадиционен притвор во траење од 30 дена, по што е предаден во Казнено поправната установа “Затвор Охрид“. дма/11:51

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ