МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 4 септември 2018 (МИА)Српски државјанин, кој возел влекач „Сканија“ со полуприколка, вчера попладне излетал од патот Градско-Прилеп и паднал во провалија.

МВР денеска соопшти дека несреќата се случила во 16 часот, а 41-годишниот возач С.П. се здобил со тешки телесни повреди и со возила на Итната медицинска помош е пренесен во Општата болница во Прилеп каде е задржан на лекување. 

Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица Прилеп.

Дваесет и четиригодишен возач на мопед „пјаџо тајфун“ се здобил со тешки телесни повреди откако синоќа изгубил контрола на булеварот „Авној“ во Скопје и паднал на коловозот. 

Несреќата се случила во 20:30 часот, а повредениот К.А. со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ каде е задржан на понатамошно лекување. 

Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. 

Десет компјутери, монитори и инвентар изгореа во пожар што рано утрината избувна во куќа во скопското село Љубош.

Пожарот, како што информира полицијата, избувнал во долниот кат од куќата кој бил даден под наем за да биде интернет кафе. 

Куќата е сопственост на 84-годипниот Ф.Б, а долниот кат му бил даден под наем на 30-годишниот Ј.К. 

Пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денешниот ден.

Возило со полски таблички целосно изгоре во пожар на автопатот Табановце - Куманово.

Пожарот избувнал вчера околу 18 часот додека возилото „шкода фаворит“ управувано од В.П.С. се движело по автопатот. Пожарот настанал во предниот дел од возилото по што возачот застанал и со противпожарни апарати се обидел да го изгасне пожарот, но тој се проширил и возилото целосно изгорело.   

Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.

Вчера околу 16 часот во кругот на фабрика за производство на ќерамиди во Виница, при кипање на глина со влекач со полуприколка, со тешки телесни повреди се здобил М.П.(74) од Берово.

Тој бил пренесен во Општата болница Кочани каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Виница.

Во полициската станица Штип утринава во 4 часот бил приведен А.Ш.(30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.

По извршениот разговор тој бил задржан во полициската станица за понатамошна постапка. бак/10:58

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ