МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 5 септември 2018 (МИА) - На 04.09.2018 година во 10.30 часот на патот Градско-Прилеп се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Фолксваген Голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од П.Ј.(63) од Прилеп, товарно возило „Сканија“ со приколка со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.П.(43) од с.Кучевиште, скопско и товарно возило „Рено Мастер“ со битолски регистарски ознаки, управувано од С.К.(33) од Битола. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил П.Ј., додека со телесни повреди се здобил С.К.. На двајцата им била укажана лекарска помош во Градската болница Прилеп. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Прилеп.

На 04.09.2018 година околу 16.45 часот на автопат Скопје-Велес, мотоцикл „Кавасаки“ со прилепски регистарски ознаки, управуван од М.А.(43) од Прилеп, удрил во рабник и банкина и излетал од коловоз на непристапен терен. Со асистенција на Противпожарната бригада-Скопје, М.А. бил извлечен и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“-Скопје, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.09.2018 година околу 18.10 часот на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар, се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „Хонда“ со британски национални ознаки, управуван од J.J.(26) од Англија и патничко возило „Фолксваген Голф“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Е.В.(27) од с.Требиште-Маврово. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот. Тој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Медицински центар Дебар, но поради сериозноста на повредите бил префрлен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Е.В. и сопатникот во возилото А.В., се здобиле со телесни повреди и по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово.

На 04.09.2018 година околу 14.50 часот на крстосница од ул.„Отокар Кершовани“ и сервисна улица која ги поврзува бул.„Крсте Мисирков“ со бул.„Никола Карев“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Фолскваген Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.А.(48) од с.Никиштани, скопско и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од Н.Р.(33) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Н.Р., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“ каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.09.2018 година во 00.05 часот, од страна на полициски службеници од слобода е лишен А.Ш.(30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ во обид, казниво по член 237 во врска со член 19 од Кривичниот законик на Република Македонија. Лицето е предадено на СВР Штип.

Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против лицето Б.А.(54) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „убиство во обид во вршење семејно насилство”, казниво по член 123 став 2, а во врска со член 19 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 02.09.2018 година околу 20.00 часот во семејниот дом, по кратка вербална расправија со неговата сопруга П.В.(52), пријавениот со нож и нанел убодна рана во пределот на стомакот. Бидејќи П.В. многу крварела, околу 02.30 часот на 03.09.2018 година, пријавениот побарал помош од нивниот зет за ќерка и со неговото возило ја однеле П.В. во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ каде што била задржана за понатамошно лекување. Полициски службеници извршиле разговор со оштетената, по што Б.А. е лишен од слобода и задржан во полициска станица.

СВР Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против лицата Р.Г.И.(50) и Н.Н.Н.(24), двете од Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „кражба“, казниво по член 235 од Кривичниот законик на Република Македонија, при што се здобиле со противправна имотна корист од околу 18.000 денари. Пријавените го извршиле делото на 01.09.2018 година околу 13.30 часот на ул.„192“ во пазарот Бит Пазар. Тие ја искористиле гужвата и невниманието на оштетената. Н.Н.Н. се туркала во неа за да и го одвлече вниманието, а Р.Г.И. го отворила патентот од чантата и одзела женски паричник во кој имало 240 Евра, 2.400 денари и лични документи. Лице кое било присутно во пазарот, го забележило настанот и пријавило во полициска станица. После тоа, по преземени мерки, на 03.09.2018 година околу 13.00 часот пријавените биле приведени и задржани во Полициската станица Бит Пазар.

Во текот на изминатиoт ден (04.09.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 11 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, четири со телесни повреди и пет со материјална штета. При сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди и четири со лесни телесни повреди. 29 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така исклучени се и 26 возачи бидејќи 22 го управувале возилото пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, двајца биле возачи почетници и двајца го управувале возилото под дејство на алкохол. 21 возила се исклучени од сообраќај бидејќи 19 биле нерегистрирани и две технички неисправни. Санкционирани се и двајца возачи кои поминале крстосница на црвено светло, еден не дал првенство на минување на пешаци и тројца не користеле заштитен шлем. Исто така преземени се мерки и во однос на пешаците при што санкциониран е еден пешак кој поминал надвор од пешачки премин и еден кој поминал на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 67 мандатни платни налози, додека исто така 65 возила се подигнати со „Пајак“. нд/09:48

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ