МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 5 септември 2018 (МИА) - Вчера околу 10.30 часот во шума, атар на село Лазарополе, општина Маврово-Ростуше,  на место викано „Јама“, на оддел 87 со кој стопанисува Националниот парк „Маврово“, на К.Ц. (53) од Република Албанија, при сечење на буково стебло со моторна пила, една од гранките му паднала врз главата по што изгубил свест. Со службено возило од Националниот парк тој бил префрлен до Медицински центар Дебар, од каде поради сериозноста на повредите со медицинско возило бил префрлен до Клинички центар Охрид.

Како што информира МВР, денеска околу 02.00 часот лицето починало во болницата во Охрид. Инаку, К.Ц. бил ангажиран од приватна фирма од Струга, која имала тендер за сеча, дотур и транспорт на огревно дрво. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Завчера околу 21.40 часот, Д.К.(42) од село Пирок, тетовско, пријавил дека враќајќи се со возило од Скопје кон Тетово, во месноста „Глумово“, бил запрен од четворица полициски службеници. Тие, според пријавеното, најпрво го легитимирале него, неговата сопруга и неговата баба, а потоа побарале да го отвори багажникот и физички го нападнале. После тоа, Д.К. бил приведен и еден час бил задржан во Полициско одделение Сарај. Откако бил пуштен, тој побарал лекарска помош во тетовската клиничка болница, каде бил задржан за натамошно лекување. За настанот веднаш бил известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи. Се преземаат интензивни мерки за целосно документирање и расчистување на случајот.

Вчера во 16.30 часот во Полициската станица Берово, В.А. (40) од Берово пријавил дека  при  ископ на земја од приземјето во неговата куќа на улица „Моша Пијаде“ во Берово, во една од собите пронашол една артилериска граната со калибар од 75 мм, со непознато потекло. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Берово, а експлозивната направа била подигната од инспектор  од  Дирекцијата за заштита и спасување во Берово.

Вчера околу 12,00 часот С.К. пријавила дека во Општина Зелениково барајќи прием кај Градоначалникот истиот вербално ја нападнал и насилно ја истуркал со вратата. Пријавителката, во Градската општа болница „Св. Наум Охридски" побарала медицинска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера В.П.(43) од Скопје, пријавила дека  на 03.09.2018 година  околу 22,00 часот  на улица „Бранко Заревски" била касната од куче скитник  по пределот на десното стапало.

Во Полициска станица Чаир вчера Љ.Д. (26) пријавила дека нејзиниот сопруг С.Д. (26) на 30 август околу 16.00 часот излегол од нивниот дом и не се вратил. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вчера околу 14,20 часот е пријавено дека на раскрсницата на булевар "Илинден" со булевар „8ми Септември" била опожарена тревата. Излезено е на местото на настанот при што во разговор со очевидец е посочено дека три малолетни лица ја палеле тревата, гуми и смет. Пожарот е изгаснат од страна на Противпожарна бригада. По преземени мерки во Полициска станица е приведено едно 13 годишно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во Полициска станица Карпош, вчера во 13 часот М.А. (32) од Скопје пријавил дека на 13 јули во кафе бар лоциран на булевар "Партизански одреди" од страна на лицето Р.К. (56) од Скопје му  била  извршена измама од 123,000 денари. Имено пријавителот се договорил со лицето Р.К. за извршување на занаетчиски работи, односно поставување на алуминиумски прозори во објект, истиот го довел во заблуда и на пријавителот му наплатил 2,000 евра, како аванс за изработка и до 01 август требало да  ги  постави  прозорите, но  истиот ниту постапил по договореното, а ниту пак се јавува, како и избегнува да стапи во контакт. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Љ.М.(43) од Куманово поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „убиство во обид”. На 02.09.2018 година околу 21.45 часот во домот на Н.Д. (40) на ул.„Доне Божинов“, Љ.М. со остар предмет му нанел две убодни рани во пределот на градите на Н.Д., додека пак М.С.(47) го удрил со чаша по главата. Н.Д. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општа болница Куманово,  од каде, по укажаната помош, бил препратен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ – Скопје.   
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.Н.(30), С.Ѓ.(37), А.П.(21), Д.С.(27) и Г.С.(36), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 26.08.2018 година околу 04.00 часот во дискотека во село Проевце, по претходна вербална расправија, првопријавениот, кој бил ангажиран како обезбедување во дискотеката, физички го нападнал С.Д., пп што се приклучиле и другите пријавени, нанесувајќи му повреди на главата и телото.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.С.(33) и М.Ц.(45), двајцата од Тетово, поради постоење онови на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице  во вршење службено дејствие“.  На 19.08.2018 година  околу 02.30 часот во угостителски објект  на ул. „Борис Кидрич“ во Тетово пријавените навредувале и омаловажувале полициските службеници, а давале и активен отпор при нивно приведување. аа/14:14

###



Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ