• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 12 септември 2018 (МИА) -  На регионалниот пат Маврови Анови - Дебар, во непосредна близина на Ростушки мост, утринава во 4:30 часотпатничко моторно возило „БМВ“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Љ.А.(55) од село Бајрамовци, Центар Жупа, изгубило контрола и удрило во бетонски заштитен sид. Од ударот со тешки телесни повреди се здобила сопатничка во возилото, Д.М. од Скудриње. По укажаната лекарска помош во Здравствениот дом Ростуше и во болницата во Дебар, таа била пренесена во болница „Свети Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид на местото на настанот.

Вчера околу 10:15 часот било пријавено дека во Скопје во детската градинка на улица „Рокомија“, настанала вербална расправија помеѓу З.Џ.(40) и Б.З., двајцата од Скопје. Потоа, според пријавеното, З.Џ. извадил пиштол, додека Б.З. извадил нож. По преземени мерки  од страна на полициски службеници бил приведен З.Џ., при што кај истиот бил пронајден пиштол. Б.З. го напуштил местото на настанот, но по преземени мерки и активности е пронајден и приведен. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Вчера околу 18:30 часот пријавено е дека за време на одржување на јавен собир во Демир Капија бил нарушен јавниот ред и мир од страна на Б.Н.(51) од Демир Капија, кој бил под дејство на алкохол. Тој со своето патничко моторно возило „Рено“ на плоштадот во Демир Капија предизвикал страв кај граѓаните. Преземени се соодветни мерки и активности и против Б.Н. се поднесени соодветни поднесоци.

Утринава, 20 минути по полноќ во Полициската станица Бит Пазар вработен во „СОС Детско село“ пријавил дека на 11 септември околу 14 часот на автобуска постојка на булевар „Крсте Мисирков“ од страна на две непознати лица бил извршен физички напад врз 17 годишен штитеник на домот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Утринава во 1:40 часот Д.Р.(47) од Скопје пријавил дека на вчера во 22:30 часот во угостителски објект на улица „Кеј 13-ти Ноември“, по претходна вербална расправија, настанала физичка пресметка помеѓу четири непознати лица. Потоа лицата излегле од објектот, при што го скршиле стаклото од влезната врата. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, бил приведен Ј.Ш.(39) од Црна Гора, a се преземаат мерки и активности за пронаоѓање и на другите лица.  За настанот е известен јавен обвинител. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Во Секторот за внатрешни работи на 10 септември 2018 година во 18:20 часот Скопје С.Т.(64) пријавила дека истиот ден додека се движела во село Брњарци ја нападнале две кучиња кои излегле од двор на куќа сопственост на В.Ј.(46) и била касната во пределот на нозете и рацете. Од страна на лекар во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ констатирани биле телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 16 часот во Полициската станица Гази Баба социјален работник во ЈЗУ „Ранка Милановиќ“, пријавила дека на претходниот ден од домот во непознат правец самоволно се оддалечил нивен штитеник на возраст од 12 години. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против М.А.(56) од Кичево за сторено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“. На  29.01.2015 година во Кичево во МВР – ОУР Кичево, пријавениот поднел барање за добивање на уверение за живеалиште, во кое навел лажни податоци дека од 28.01.2015 година се вратил да живее во Р.Македонија. Потоа, на 09.04.2015 година, истиот, потврдата за живеалиште од ОУР Кичево, ја приложил при постапка за идентификација на патничко возило  “Форд” во Бирото за метрологија при Министерството  за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од  Законот за возила.бк/14:12

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ