Ахмети: Со заокружување „За“ на 30 септември ја запечатуваме нашата иднина

Ахмети: Со заокружување „За“ на 30 септември ја запечатуваме нашата иднина

Скопје, 30 август 2018 (МИА) - На 30 септември има само две опции за европска Македонија или против. Гласот „За“ е за евроатланска Македонија. Јас сум убеден дека огромното мнозинство, сите политички лидери, граѓанското општество, академската заедница, медиумите се за Европа, за НАТО.

Ова го порача денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети на објавување на кампањата „Излези ЗА европска Македонија“ на коалицијата составена од партии, граѓански здруженија, стопански комори,... кои поддржуваат влез во ЕУ и НАТО и успешен референдум на 30 септември. Ахмети упати апел и до опозицијата да се придружи во коалицијата за европска Македонија. 

Според него, сега е времето за лидерство, за храброст и политичка визија, а не за калкулации и двоумења.

- Сите заедно и позиција и опозиција, и млади и стари, жени и мажи, сите без исклучок треба да се придружиме на победничкиот карван за потполна интеграција на државата, со еднакви права во НАТО и ЕУ. Заедничката и светла иднина е во наши раце. Со заокружување на опцијата „За“ на 30 септември ја запечатуваме нашата иднина, на нашите деца на идните генерации, потенцира Ахмети. 

Тој оцени дека референдумот е изјаснување за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО дека е референдум за едно подемократско општество, за целосно владеење на законот и беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.

- Нашата земја, ние како политичари, нашето општество, се наоѓаме пред клучни моменти кога е потребна храброст и одлучност. Сите ние сплотени ве повикуваме да гласаме за Европа за НАТО. Ја повикувам и опозицијата да се приклучи на заедничкиот успех бидејќи од постројувањето на нашта земја во ЕУ и НАТО придобивка имаат државата и граѓаните, но исто така и опозицијата. Ги повикувам и сите тие кои се уште се двоумат и ги калкулираат нивните позиции поради дневно-политички потреби да се надминат себе си и да застанат заедно со прогресивните сили во земјата, нагласи Ахмети.

Тој посочи дека граѓаните и прогресивните сили во земјата сега веќе се убедени дека интерацијата во НАТО и ЕУ носи одржлив мир, стабилност и безбедност, рамноправност и добри меѓуетнички односи, општествена благостотојба и економски развој.

- Во континуитет нашите граѓани бараа од нас интеграција во ЕУ и НАТО, како еден од највисоките приоритети за нив. Во конитнуитет ние сме посветени за да го оствариме ова барање на околу 90 проценти од граѓаните. Еве токму денес сме пред заокружување на нашите дводеценски напори за целосна итнеграција на нашата земја таму каде припаѓаме. како исполнување и реализација на напорите на многу генерации низ годините, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети на промоцијата на кампањата „Излези ЗА европска Македонија“.бак/скс/15:05

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ