Честитка од Мицкоски по повод 8 Септември - Денот на независноста

Честитка од Мицкоски по повод 8 Септември - Денот на независноста

Скопје, 8 септември 2018 

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Денес е 8 септември, денот кога се слави независноста на нашата држава Република Македонија. 27 години независност, исполнети со силни премрежја, предизвици, падови, но и победи. Време на изградени очекувања и нереализирани надежи. Разочарувања и копнеж за подобра иднина, за тоа дека конечно на нашата држава, нашето општество ќе му тргне.

Кога говориме за сегашноста потребно е да се биде реален и да се признае дека она што го имаме денес, не е она што отсекогаш сме го посакувале со нашата држава, затоа што посакувавме своја држава за да имаме квалитетно образование, институции без корупција, економија која нуди можности и сигурна егзистенција, здравство кое помага на болните, наука која произведува додадена вредност, млади кои ќе ја градат иднината тука, во своите родни места, држава која ќе го гарантира нашето достоинство и чест.

А денес со оваа власт добивме, го добивме спротивното, држава со најкорумпирани институции во Европа, денови исполнети со афери и сомнежи за криминал, притисоци, уцени на работа, политички монтирани случаи, образование кое е неконкурентно и млади кои си заминуваат. Несигурност и апатија.

Денес како во реалниот живот така и во политиката Македонија се соочува со значајни предизвици и одново е на крстопат. Иако не последен, но подеднакво важен за иднината на секој еден од Вас.

На масата имаме штетен договор. Ви велат треба да сте За иднината на Македонија, а не ви кажуваат дека со тоа одлучувате за нова понижена Македонија, со променет идентитет, пасоши , лични карти. Историја и култура која ќе биде предмет на ревизија, и со отворена шанса на јужниот сосед да го блокира европскиот пат во било кое време. А во Европа, за таму се потребни работа, труд и континуитет. Таму се оди со резултати и стандарди, а не со зборови.

Ако беше толку добар договорот, тогаш ќе ја немаше таа фанатична желба на власта за создавање на еуфорија, таа масовна и скапа кампања. И ним им е јасно дека овој Договор не е победа, затоа што ваква таканаречена победа можеше да има било кој претходник Претседател на државата и Премиер, исполнувајќи само еден единствен услов- да ги прифати сите грчки барања.

И на денот кога се слави нашата независност, овој 8-ми Септември, овој септември не треба да биде последниот кој го славиме под нашето уставно име, туку првиот септември преку кој ќе означиме победа за Македонија, да го означиме почетокот кој ќе значи смена за сликата на македонскиот политичар, за што ни е потребна смена на вредностите, исправање на неправдите и многу, многу работа. Нова визија која ќе донесе сигурност и решавање на проблемите. Затоа што во животот зад секој успех стои труд и посветеност и само така над Македонија ќе се раѓа ново сонце на слободата и само така Македонија ќе победи.

Драги пријатели, земјаци, браќа и сестри, овде и низ светот честит и вековит 8-ми Септември! Нека е вечна самостојна и независна Република Македонија!

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

____________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ