• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Одбиено барањето за одложување на судењето за „27 април“

Одбиено барањето за одложување на судењето за „27 април“

Скопје, 22  август 2018 (МИА) - Судијката Добрила Кацарска го одби барањето на одбраната на обвинетите за случувањата во Собранието на 27 април, за одложување на судењето и најави дека рочиштето ќе трае и  по работното време на судот.

Адвокатите на почетокот на главната расправа побараа увид во доказите на Јавното обвинителство, со образложение дека ги немаат добиено сите доказни материјали. Адвокатите сметаат дека дел од тие докази можат да бидат клучни во постапката.

СУДЕЊЕ СОБРАНИЕ ЧАВКОВ

Дел од одбраната побара издвојување на постаката за првите 16 обвинети.

Обвинителките Гордана Смаќоска и Вилма Русковска рекоа дека во законскиот рок на одбраната и било овозможено да направи увид во сите записници и докази. Тие од адвокатот Дончо Наков побараа да не ја залажува јавноста со вакви барања. 

Наков одговори дека бара да има пристап до одредени докази што биле недостапни за нив во текот на истаргата, а сега станале достапни. 

Рочиштето се води во отежнати услови бидејќи новинарите и другите присутни во судската сала многу слабо слушаат што се разговара во судницата бидејќи однадвор се слушаат силни звуци од зурли и тапани и скандирања од поддржувачите на обвинетите.

СУДЕЊЕ СОБРАНИЕ

На денешното прво рочиште за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април лани присуствуваат сите 33 обвинети. Тие одговараат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Меѓу обвинетите се пратеници, уметници, припадници на МВР, на безбедносните служби и собраниското обезбедување.

На обвинителната клупа во судот се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска – Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски – Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски – Кољо, Александар Василевски - Нинџа и Митре Питроповски.

Предметот го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска и веќе се закажани вкупно 37 термини за главна расправа.бк/са/13:13

###

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ