Судењето за „Таргет Тврдина“ продолжува на 13 септември

Судењето за „Таргет Тврдина“ продолжува на 13 септември

Скопје, 31 август 2018 (МИА) - Со воведен говор на обвинетиот Тони Јакимовски и неговиот бранител адвокатот Јордан Апостолски заврши денешното рочиште за предметот „Таргет Тврдина“ на СЈО.

Судењето ќе продолжи на 13 септември до кога Апелацискиот суд треба да донесе решение дали ќе ја раздвои постапката за обвинетиот Горан Грујовски кој е во бегство, а судечкиот совет треба да донесе решение за барањето на СЈО повторно да се спои постапката за обвинетата Гордана Јанкулоска.

Јакимовски се изјасни како невин за делата за кои се товари и посочи дека немал намера, волја или свест дека прави кривично дело и само совесно, одговорно и со најголем степен на професионалност постапувал на работното место. Неговиот бранител Апостолски, пак, посочи дека Јакимовски ниту уништувал опрема, ниту учествувал во какво било дејство за уништување на опремата, туку само предложил да се формира комисија за попис на опремата која била застарена. Во изјава рече дека е вообичаено опремата која ќе застари да биде уништена исто како што се прави со компјутерите. Јакимовски, според него, не презел и никави дејствија за сторување на делото фалсификување на исправа.

Претходно и обвинетите Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исакоски и Валентина Симоновска се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата за кои се товарат.

Во воведниот говор обвинителката Ленче Ристовска посочи дека СЈО обезбеди голем број на материјални докази и искази на сведоци кои ја разрешуваат дилемата кој, на каков начи, со кои средства и мотиви го вршел незаконското прислушување и оти ќе докажат дека се сторени кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување.

Сашо Мијалков, Горан Грујовски и Надица Николиќ формирале злосторничко здружение за нелегално прислушкување на кое подоцна му се приклучиле и обвинетите Силвана Златкова, Владимир Варелов, Васил Исакоски и Марјан Шумуликовски, како и сведоците Влатко Георгиевски, Марјан Јанкуловски и Ѕвонко Костовски. Костовски му ги предал записите на Ѓорѓи Лазаревски, кој, пак, му ги доставли на Зоран Верушевски, а тој на Зоран Заев кој подоцна ги предал во СЈО.

За незаконското следење на комуникациите на над 4.819 корисници на телефонски броеви, како што рече Ристовска, се товарат 11 обвинети и има над 300 оштетени и над 1.000 сведоци.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.

- Сакаме да пратиме порака дека никој не смее да ја злоупотребува својата службена положба без оглед на моќта која му припаѓа, а особено да не ја злоупотребува приватноста на граѓаните, рече Ленче Ристовска на крајот од воведниот говор. вј/сд/15:55

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ