Манчевски четири часа сведочеше на судењето за „27 април“

Манчевски четири часа сведочеше на судењето за „27 април“

Скопје, 31 август 2018 (МИА) – По четири часа заврши испрашувањето од обвинителството и одбраната на сведокот Дамјан Манчевски на денешното рочиште за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.

Манчевски, одговарајќи на прашања од обвинителството, кажа дека на 27 април бил во прес-салата на Собранието заедно со Зоран Заев и други пратеници кога влегла толпата, дека видел лице со оружје и оти постојано добивале закани по живот и дека ја продале државата и дека се предавници.

Сведокот иако повеќе од два и пол часа чекаше прашања од одбраната, тој одговори само на неколку, бидејќи на поголем дел од нивните прашања приговараше обвинителката дека се директни и не се однесуваат на неговиот исказ поради што не беа дозволени.

По завршување со сведочењето на Манчевски, судијката Кацарска даде еден час пауза, нагласувајќи дека за денеска е предвидено да завршат со сослушување и на останатите тројца сведоци кои се повикани. Во текот на расправата, таа на неколку пати и укажа на одбраната при поставувањето на вкрстени прашања дека со нивниот начин на поставување прашања денешното рочиште ќе трае и до доцна навечер.

На вкрстено прашање од адвокатот Дончо Наков дали видел некој друг со оружје, Манчевски кажа дека тој ден во ходникот пред прес-салата еден од обезбедувањето на колегата Оливер Спасовски употребил оружје и испукал во воздух.

Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие на претходното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски. аа/сд/15:29

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ