Со изведување на писмени докази продолжи раздвоената постапка за „Тенк“

Со изведување на писмени докази продолжи раздвоената постапка за „Тенк“

Скопје, 5 септември 2018 (МИА) – Со изведување на писмени докази денеска во Кривичниот суд продолжува раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Пред почетокот на денешното рочиште адвокатот од одбраната Боро Тасевски побара изведувањето на материјалните докази да се врши со нивна презентација за разлика од претходно кога се читаа само наслови од листата на докази. Според одбраната, барањето има за цел сите суштински да се запознаат со материјалните докази.

Стефчо Донев од СЈО рече дека ваквиот предлог има за цел само да се одложи постапката, посочувајќи дека одбраната не ја спори содржината на материјалните докази, туку само начинот на презентација.

Претседателот на судечкиот совет судијката Добрила Кацарска кажа дека Судот веќе има одлучувано по ова барање на претходна постапка, но со оглед дека двајца поротници се нови ќе треба повторно да се произнесе.

Судот по 10-минутна пауза го отфрли предлогот на одбраната како неоснован и се продолжи со изведување на писмени докази.

На претходните постапки беа сослушани повеќе сведоци предложени од обвинителството кои на некој начин биле вклучени во постапката за јавна набавка на блиндираното возило „мерцедес“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.

По изведување на материјалните докази од обвинителството на следното рочиште треба да бидат сослушани сведоците предложени од одбраната. аа/са/11:17

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ