• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

По три часа распит заврши сведочењето на Никола Тодоров во случајот „27 април“

По три часа распит заврши сведочењето на Никола Тодоров во случајот „27 април“

Скопје, 7 септември 2018 (МИА) – По повеќе од три часа заврши сведочењето на поранешниот пратеник Никола Тодоров во Кривичниот суд во Скопје за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.

Тодоров прво одговараше на директни прашања од обвинителката Вилма Русковска. Објасни што се случувало во Собранието на 27 април, по што одговараше на вкрстени прашања од одбраната, а на крајот и на прашања од судот.

- Видов дека пленарната сала беше исполнеа со луѓе кои пееја и вееја знамиња. Беше многу загушливо и излегов до тоалет. Потоа ми се јави Шекеринска и ми кажа дека е вон прес салата, каде еден човек веќе е мртов.  Итно се јавив во Здравствен дом Скопје и побрав итна медицинска помош, по што се упатив во прес салата, рече Тодоров.

судење за 27 април

Поради тоа што имало гужва во прес салата луѓето го истуркале и со неговото обезбедување се повлекол во гаражите од каде повторно се јавил да праша до каде е возилото на итна медицинска помош.

- Директорката ми кажа дека возилото е пред Собрание, но има многу луѓе и не може да влезат. Тогаш и кажав ако не може возило, да влезат само лекари, рече Тодоров.

Откако влегле лекарите, отишол заедно со нив и пробале да влезат во прес салата, но не можеле. По неколку неуспешни обиди да влезат веќе почнала полициска акција за извлекување. Ми кажаа, додаде, дека Села е тој што е најтешко повреден, но не знаат каде е.

За дел од одбраната важно беше сведокот да објасни што се случувало во пленарната сала пред влезот на толпата и каков бил изборот на претседател на Собранието, додека за друг дел од обвинетите важно беше Тодоров да каже како топлата влегла во Собранието.

Судијката Добрила Кацарска  побара од сведокот да објасни како пратеник и од негово лично искуство како и на кој начин може толпа народ да влезе во Собранието на Република Македонија.

Тодоров кажа дека лично не знае и не видел како и кога толпата влегла во Собранието на 27 април, но објасни дека вратите на Собранието се дрвени и дебели кои се затвораат со попречна греда и единствен начин толпа народ  да влезе во Собранието е или вратата да се скрши или да се отвори.

Денешното рочиште по пауза од еден час треба да продолжи со испрашување на тројца сведоци, од кои Весел Мемеди, Оливер Спасовски и Зоран Заев. Доколку завршат исказите на сите четири сведоци предвидени за денешното рочиште, на следното рочиште закажано за 13 септември треба да сведочат нови четири сведоци, меѓу кои Хари Локвенец, Петар Атанасов и Енес Ибрахими. аа/сд/14:20

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ