• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

Заев го препозна Игор Југ како едно од лицата кои носеле оружје на 27 април

Заев го препозна Игор Југ како едно од лицата кои носеле оружје на 27 април

Скопје, 7 септември 2018 (МИА) - Премиерот Зоран Заев на денешното сведочење во Кривичниот суд за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија, одговарајќи на прашање на судијката Добрила Кацарска, истакна оти со сигурност може да потврди за едно лице меѓу обвинетите во судницата, дека е меѓу оние за кои тврди дека носеле оруже тој четврток.

Кацарска го праша дали препознава лица во судницата за кои тврди дека носеле оружје, Заев одговори оти тоа може да го потврди за еден од присутните обвинети.

- Можам со сигурност да кажам за едно лице, тоа е Игор Југ, нагласи премиеот, кој појасни дека како пратеник кога влегувал во Собранието ги користел влезовите кои гледаат кон Домот на АРМ и поранешното МНР, а оти сега како премиер влегува низ официјалниот службен влез на зградата.

Одговарајќи на прашање на Кацарска, тој истакна оти на главниот влез постојат заштитни шипки од внатрешната страна за кои. како што рече, не може со сигурност да каже од каков материјал се, но според него тие врати не можат лесно да се отворат доколку на нив се ставени шипки.

- Не постои човечка сила која може да ги отвори тие врати, рече Заев.

Истакна дека според него ставањето на раката на место каде стои оружје за него е посегнување по оружјето, до самиот крај на ситуацијата, ако се укаже прилика за тоа. 

- Немаше директен вперен пиштол кон мене, но имаше лице кое се движи лево десно со раката на место на кое носеше оружје, и тоа за мене е посегнување по оружје, одговори Заев на вкрстеното испрашување од одбраната.

Заев нагласи дека тој видел лица кои со поглед барале чиста мета, но веројатно немале храброст да го сторат тоа што планирале да го сторат. 

Претходно во текот на вксртеното испрашување на одбраната, еден од обвинетите Игор Југ, го праша премиерот да му одговори како тој може да процени дека немал храброст да направи нешто што претходно Заев рече дека планирал да направи.

Премиерот не се согласи дека во текот на целата таа ситуација некој лесно би дошол до некое лице на кое што би сакал да му го одземе животот со огнено оружје, затоа што „тој што сака да одземе живот со огнено оружје, нема да се експонира толку“, нагласи Заев.

Игор Југ му се обрати на премиерот и го замоли да му дозволи дека тој има храброст да стори нешто што претходно намислил да го стори доколу тоа го сака, на што реагираше судијката Кацарска, нагласувајќи оти во тој исказ има прикриена закана.

Заев по завршувањето на неговото сведочење, во изјава за медиумите рече дека во Судот денеска дошол за да ја исполни својата граѓанска должност во овој интензивен период, „кога Македонија чекори напред кон подобра иднина“.

На прашањето зошто се уште не се пронајдени организаторите на овој немил настан Заев истакна дека тоа е работа на истрагата и оти тој како и сите други граѓани чека конечна разрешница на овој случај.

Тој истакна оти е човек кој простува, нагласувајќи оти верата и родителите го учеле на простување, како и тоа дека Македонија има потреба од помирување и треба да се гледа напред кон иднината.

До 20 часот судот објави пауза по што треба да следи сведочење на министерот Оливер Спасовски.

Претходно на денешното рочиште за случувањата во Собранието од 27 април сведочеа и пратеникот Весел Мемеди и поранешниот пратеник Никола Тодоров. ац/нд/20:11

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ