„Трезор“ продолжува на 27 септември

„Трезор“ продолжува на 27 септември

Скопје, 10 септември 2018 (МИА) - Судењето за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање за случајот „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство продолжува на 27 септември со изнесување материјални докази.

Обвинителството на денешното рочиште презентира околу 60 документи од над 900 предложени, како материјални докази.

На обвинителна клупа во Кривичниот суд се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.

Обвинителот Артан Ајро почна со изведување на материјалните докази, за тоа дека „Финзи“ примала пари од МВР по договор вреден над 124 милиони денари склучен во 2010 година, а потпишан од тогашниот заменик-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски и управителот на „Финзи“, Владимир Стајковиќ, брат на обвинетиот Небојша Стајковиќ.

На рочиштето, кое траеше повеќе од четири часа, беа презентирани и два анекс-договори, од кој првиот е склучен во 2011 година во вредност од над 49 милиони денари и вториот во 2012 година вреден над три милиони денари, а потпишани од Поповски од МВР и Коста Крпач како управител на „Финзи“.

Според обвинителниот акт со основниот договор буџетот на РМ бил оштетен за над 13 милиони денари, додека, пак, со двата анекса за дополнителни 13 милиони и 222 илјади денари, со што државата ја оштетиле за околу 27 милиони денари. бк/аа/16:22

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ