Се врши увид на „опел омегата“ што е дел од доказниот материјал за „Монструм“

Се врши увид на „опел омегата“ што е дел од доказниот материјал за „Монструм“

Скопје, 11 септември 2018 (МИА) - Во депото на Агенцијата за управување со одземен имот во близина на скопското село Миладиновци, судиите од Кривичниот суд, Огнен Ставрев и Осман Шабани, и обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, вршат увид на автомобилот „опел омега“, што е дел од доказниот материјал за „Монструм“.

Во моментов се проверува дали има калници на возилото, дали недостига некоја лајсна, а се утврдува и бројот на шасијата. 

опел омега - монструм

На вештачењето се присутни и обвинети во случајот „Монструм“, како и адвокатката на семејствата на жртвите Дафинка Ивановска. 

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, рече дека од МВР возилото во депото е донесено на 1 ноември 2012 година. Возилото било примено без регистарски таблички, а има налепница на задниот браник.

На претходните рочишта за „Монструм“ беше сослушан загрозен сведок, кој исказот го даде од друга просторија со мутиран глас и заматена слика.

Во своето сведочење, тој кажа дека на местото на настанот бил на 9, 10, 11 и 12 април, каде што го видел „голфот 3“ со затемнети стакла на повеќе различни локации, како и други две возила. Прашан дали вечерта бил на местото на настанот, сведокот кажа да, и потврди дека видел четири тела. Тој во судницата препозна неколкумина од обвинетите и ги опиша.
 монструм опел омега
Одбраната изрази сомневање во вистинитоста на неговите искази, бидејќи како што реагираа загрозениот сведок е конфузен во одговорите. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. аа/дма/11:22

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ