• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Заев: Наша должност е да осигураме стабилност, безбедност и економска иднина на државата

 Заев: Наша должност е да осигураме стабилност, безбедност и економска иднина на државата

Кочани, 31 август 2018 (МИА) -  Коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија“ со трибина со граѓаните од Кочани ја започна кампањата низ градовите во државата, а по повод претстојното референдумско изјаснување.

На собирот симболично наречен „Излези ЗА европска Македонија“, обраќање пред присутните имаше премиерот Зоран Заев, кој зборуваше за новите економски, безбедносни и идентитетски перспективи што и се отвораат на нашата држава по 27 години од нејзината независност.

- Референдумското изјаснување „за“ значи отворање на вратите за влез на европскиот пазар, затоа што со програмата до 2020 година ЕУ ќе донира секој ден по 260 илјади евра во Македнија. Петнаесет милиони евра годишно за патишта, железници, мостови, гасификација, 18 милиони евра за македонското земјоделство, 8,5 милиони евра за унапредување на граничните премини, 15 милиони за реформи во правосудството. Вкупниот буџет е една милијарда и 280 милиони евра само за нашата држава на годишно ниво, истакна премиерот Заев.

Говорејќи за договорот со Грција, Заев рече дека некои политичари со занемарлив рејтинг се обидуваат да го замајуваат народот оти ќе го изгуби идентитетот и македонскиот јазик, иако секој може да прочита што е напишано во документот што и јужниот сосед го прифати.

- Наша должност е да осигураме стабилност, безбедност и економска иднина на државата, заради нас и нашите идни поколенија и затоа очекувам успех на референдумот. Обврска на секој граѓанин е да излезе и да гласа, па макар да се изјасни и „против“, затоа што секој што ќе седи дома или ќе бојкотира значи дека е против Македонија и нејзината иднина. Со потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија и со договорот за името со Грција добивме двајца нови пријатели кои наместо да бидат пречка, сега силно нè поддржуваат за влез во европското семејство и НАТО, додаде Заев.

На крајот од обраќањето пред граѓаните на Кочани, Заев во наредните триесетина дена на слични трибини во другите градови ќе се отворат сите важни прашања и дилеми за тоа што ќе добие Макеоднија со позитивното референдумско изјаснување и изрази сигурност дека на последниот ден од септемеври сите ќе бидат горди на донесената позитивна одлука.та/скс/19:38

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ