• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Собранието без кворум за измените на Законот за минерални суровини

Собранието без кворум за измените на Законот за минерални суровини

Скопје, 3 септември 2018 (МИА) - Поради немање кворум попладнево во Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 32. седница не беа донесени измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, предложени од единаесетмина пратеници и поддржани од повеќе невладини организации.

Пратениците не се изјаснија и за годишните извештаи за работата на Судскиот совет и за работата на Државниот совет за превенција на детско претстапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското претстапништво за 2016 година. 

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ ги образложи измените посочувајќи дека се предвидува забрана за употреба на цијанид и сулфурна киселина при процеси на лужење и флотација на металични минерални суровини во рудници со отворен коп и оти исклучок се концесиите за експлоатација на металични минерални соли на веќе постојните рудници. Би се вовела обврска за потенцијалниот концесионер да приложи податоци во техничко-технолошкиот елаборат за постапката за експлоатација на минералните суровини и за техниките и супстанците што ќе се применат,  потоа да се обезбеди депонирана финансиска гаранција, а рокот за дебата се продолжува од 15 на 60 дена, односно 30 дена со локалната самоуправа и со органите на државната управа.

- Веруваме дека на ваков начин обезбедуваме заштита на животната средина од ризични постапки во случаи на рудници на металични минерални суровини кои се со сиромашни руди и кои применуваат ризични технологии и постапки. Овие измени беа поднесени од 11 колеги и поддржан од 40-ина невладините организации, рече Поповска.

Изрази жалење што дел од колегите од одредени партии ја напуштиле собраниската сала и оти нема кворум за гласање.

- Жалам што гледам дека ќе останеме без кворум и во моментот нема да можеме да гласаме воопшто за законот. Многу сум разочарана и изгледа ќе треба уште многу да се работи на подигање на еколошката свест, рече Поповска.

Пратеникот Илија Николовски од СДСМ изрази, како што кажа, несогласување со законот и наведе повеќе причини зошто не се согласува, меѓудругото, потенцирајќи дека со работата на рудниците не се загрозува животната средина и се почитуваат стандардите. 

Поповска реплицираше дека пратеникот Николовски не требало да чита туѓ текст и дека само оној што мижи пред фактите, само тој знае зошто го прави тоа.

Во рамки на дебатата за Годишниот извештај на Судскиот совет за 2016 година, некои од пратениците ја критикуваа работата на судиите.

- Хаосот во судството зависеше од Судскиот совет. Вие требаше да го решите тоа. Секој ден добива поплаки за куп пресуди, рече пратеникот Самка Ибраимовски, додавајќи дека Судскиот совет не навлегува во суштината на предметите.

Претходно, денеска Собранието го одржа продолжението на 58. седница. ев/бак/17:27

###

 


 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ