• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Заев: Стопанството да ги искористи потпишаните договори со Бугарија и Грција

Заев: Стопанството да ги искористи потпишаните договори со Бугарија и Грција

Скопје, 4 септември 2018 (МИА) - Македонските компании да ја зграпчат новата шанса и мудро, ефективно и иновативно да ги искористат потпишаните договори со Грција и Бугарија.  Досегашните опструкции и пречки за максимална бизнис соработка со овие два соседа се отстранети, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Заев на трибина во Стопанската комора истакна дека во овој сегмент постои сериозен мегдан што може да се искористи за нови профити, за раст и развој на државата. 

- Грција е земја со пристаниште најблиску до Македонија, а инфраструктурното поврзување со Бугарија сериозно се интензивира.  Секогаш бизнисот знаел на најинвентивен начин да ги искористи пријателските конекции на нашата земја. Очекувам преку поголема трговска размена и меѓусебно инвестирање, да се подобрат бизнисот и економските параметри, рече Заев.

Според него, за инфраструктурното поврзување со Бугарија досега веројатно немало доволно политички и економски интерес поради слабата размена. Економијата и стопанството не правеле соодветен притисок, но сега темпото е сосема поинакво.

- Сега притисок има од сите страни, и од бизнисот и од политиката и од сите други области. Во моментов се гради патот кон преминот Клепало кај Берово, паралелно со експресниот пат Крива Паланка - бугарска граница. Возобновена е железничката пруга Куманово - бугарска граница во првата фаза, а тече тендерот за втората фаза, вредна 147 милиони евра. Се подготвува да биде објавена и третата фаза од 340 милиони. Дополнително е проектирана и нова гасоводна цевка пред Струмица за да има два конектора од Бугарија, а донесена е и одлука меѓу двете земји за заедничко берзанско тргување, информира премиерот, потенцирајќи дека договорите Бугарија и Грција се постигнати за да им служат на граѓаните и стопанството, за да се растовари бремето и да се негува духот на пријателството. 

Заев ги охрабри компаниите да влегуваат почесто во јавно-приватно партнерство. Посебно е приврзаник ваквиот принцип да се реализира во проекти за дефицитарни производи како стаклото и вештачкото ѓубриво за кои, нагласи, Македонија троши стотици милиони евра за увоз. 

- Ако се намерите чесни, а постапките транспарентни, страв кај компаниите не треба да има. Цел свет ја користи оваа алатка која силно придонесува во севкупниот развој, на стопанството, бизнисот и БДП, отвора нови работни места, а и извозно посилно се пенетрира. Добро е државата да ви биде партнер иако е слаб менаџер, зашто му дава сериозна позиција на производот што се испорачува, посебно на меѓународен план, објасни премиерот Зоран Заев.

Од трибината во Стопанската комора произлезе заклучокот дека Македонија мора да се качи на мотор од 1.600 кубици и да вози по брза лента ако сака да направи сериозен исчекор, а тоа ќе биде можно само доколку стане членка на ЕУ и НАТО. мч/ сд/14:42

###

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ