• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Седница на Владата на Република Македонија

Седница на Владата на Република Македонија

Скопје, 4 септември 2018 (МИА) - На редовната 86-та седница, Владата го формираше Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО.

Со него ќе претседава претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, а негови заменици се Радмила Шекеринска Јанковска, заменик претседател на Владата на Република Македонија и министер за одбрана, Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Постојани членови на Комитетот се: Оливер Спасовски, заменик претседател на Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи, Рената Дескоска, министер за правда, Драган Тевдовски, министер за финансии, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Генерал - мајор Васко Ѓурчиновски, началник на генералштабот на Армијата на Република Македонија, Стојан Славески, директор на дирекција за безбедност на класифицирани информации, Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО, Беким Максути, заменик министер за одбрана, Агим Нухиу, заменик министер за внатрешни работи, претставник од опозицијата (според номинација од најголемата опозициска партија).

Во работата на комитетот може да учествуваат и други членови на Владата и други релевантни чинители доколку се расправа за теми од нивната област.

Денеска министрите ја прифатија информацијата за воведување на заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и на Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан – Кафтане, односно оне-стоп-схоп.

Владата го задолжи министерство за финансии - царинска управа во рок од 15 дена преку Министерството за надворешни работи на Република Македонија да го информира Министерството за надворешни работи на Република Албанија за согласноста од потребата за склучување на Спогодба и за потребата од формирање на делегација за започнување на постапка за водење преговори за склучување на Спогодбата за воведување на заеднички гранични контроли на патниот граничен премин Ќафасан – Кафтане.

На предлог на министерството за здравство, на седницата, министрите ја прифатија предлог - програмата за изменување на програмата за превентивни мерки за спречување на туберкулозата кај населението во Република Македонија за 2018-та година. Измените се однесуваат на делот на финансирање, односно прераспределени се 4 милиони денари - средства обезбедени од основниот буџет и вкупните средства се дополнуваат со 1 милион денари - пари обезбедени од буџет од донации.

Согласно денешната одлука, по повод 8 септември – Денот на независноста на Република Македонија, Владата в сабота ќе организира прослава на платото пред зградата на Владата со пригодна културно – уметничка програма.

На 86-тата седница министрите ја прифатија и информацијата во врска со утврдување на потребата за изработка на нов Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија.

Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски во рок од 3 дена од добиените номинации да формира работна група за изработка на предлог Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија. Во исто време, неколку министерства, кабинетите на Претседателот на Владата и на Заменик Претседател на Владата, во рок од 5 дена да номинираат лице за работната група за изработка на предлог Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија.

Од формирањето на работната група, Министерството за транспорт и врски има рок од 60 дена до Владата да достави нацрт Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија.

На денешната седница Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од подобрување на состојбата на општинската патна мрежа.

За таа цел, Владата го задолжи Министерството за финансии да отпочне постапка за задолжување кај Светска банка со заем во висина од 70 милиони евра, во зависност од можностите на Буџетот, а врз основа на стратегијата за партнерство. вј/дма/20:12

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ