• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

Средба Заев-Хоугард: Македонија ја има данската поддршка во евроатлантските интеграции

Средба Заев-Хоугард: Македонија ја има данската поддршка во евроатлантските интеграции

Скопје, 5 септември 2018 (МИА) -  Македонија ја има поддршката од Данска во евроатлантските интеграции. Земјата е важна и во регионална смисла, поради постигнатиот брз видлив напредок, после политичката криза, порачал на денешната средба со премиерот Зоран Заев данскиот амбасадор акредитиран за Република Македонија. 

Амбасадорот Хоугард, како што соопшти владината прес-служба, пренел задоволство од Данска, како е поставена Македонија во процесите што водат кон отворање на преговорите со Европската унија и кон членство на нашата држава во НАТО.

Премиерот Заев, пак, се заблагодарил за пријателската, принципиелна поддршка од Данска во важните моменти за Република Македонија, како што е сегашниот, кога граѓаните и државата се подготвуваат за претстојниот референдум.

- Мнозинството граѓани ја сфаќаат личната одговорност што ја имаат за иднината на своите деца и за стабилноста на државата со членството на Македонија во ЕУ и во НАТО и јас очекувам успешен референдум. Мотивирани сме како граѓани и како Влада од вреднувањето на нашите реформски напори, како и од потврдените,  обновените и зацврстените пријателства со земјите од регионот и од меѓународната заедница. Очекуваме евро-атланските интеграции да донесат и економски напредок од што бенефит ќе почувствува секој граѓанин, рекол премиерот Заев.

На средбата како важно било посочено решавањето на билатералните прашања низ меѓусебно почитување на државите, каков што е случајот со Македонија, која, како што се нагласиле соговорниците, на таков начин ги затвори сите прашања со соседите и со тоа отвори пат кон ЕУ и НАТО.

Премиерот Заев нагласил дека по референдумот земјата уште посилно ќе се фокусира на реформите во правосудството, медиумите, администрацијата, со цел целосно да го постави државниот систем според европските вредности и правила, во интерес на граѓаните и какви што се очекувањата на земјите членки на ЕУ.

Заеднички било констатирано дека постојат услови за интензивирање на економската соработка меѓу Република Македонија и Кралството Данска.

На состанокот се разговарало и за други актуелни политички прашања и потребата од нивно решавање во интерес на стабилноста и безбедноста на целиот регион. сст/сд/15:17

###

 

 

  

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ