Заев: Излегувањето на референдум е обврска, а седењето дома неодговроност пред државата

Заев: Излегувањето на референдум е обврска, а седењето дома неодговроност пред државата

Гостивар, 6 септември 2018 (МИА) - Излегувањето на референдум е обврска, а не излегувањето на референдум и седењето дома се кукавичлук и неодговороност пред државата. Со заокружување на „за“ ќе ја осигураме Македонија и ќе ѝ обезбедиме иднина, порача Зоран Заев лидерот на СДСМ и претседател на владата на Република Македонија од собирот „Заедно за европска Македонија“ кој вечерва се одржа во Гостивар.

- Да немате дилема дека носиме исправна одлука, таа е исправна сто отсто, бидејќи нема алтренатива. Никој не нуди друга опција и не кажува што ќе биде ако не се приклучиме кон НАТО и ЕУ. Да ја ставиме Македонија на шините од брзиот воз и да видиме бериќет. Околу сто субјекти сме обидинети околу овој проект, рече Заев.

Тој низ бројки и примери укажа на користта од зачленувањето во НАТО и во Европската унија, и посочи дека покрај грантовите и финансиската поддршка што и сега ги добива Македонија од фондовите на Унијата ќе се отвори и огромниот пазар на ЕУ за македонските земјоделски производи.

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на гостиварци им пренесе поздрави од првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг со кого денес разговарале и од кого добил уверување дека Македонија ќе биде 30-та членка.

Заев јавно им се заблагодари на албанците во Гостивар и во земјава за поддршката која ја добивал за време на преговорите со Грција и потпишувањето на „преспанскиот договор“

Во обраќањето Зоран Заев изрази верување дека граѓаните на 30 септември ќе излезат масовно и ќе го дадат, како што рече, придонесот во важен историски момент и дека ќе бидат горди што придонеле за подобра иднина на своите деца, на своите внуци.

- Со оваа оваа одлука на 30 септември нема повеќе да има мајка која се грижи своето дете, затоа што трајно ќе ги обезбедиме мирот и слободата во нашата Македонија, потенцира Заев.

Зборувајќи за договорот со Грција, Заев нагалси дека тоа е компромис и дека ние сме добиле „ерга омнес“ идентитет и јазик, а Грција „ерга омнес“ за името.

На бината на градскиот плоштад, се обрати и Алберт Муслиу, политички аналитичар кој директно ги повика гостиварци да излезат на референдум, бидејќи како што рече тоа ќе нé спаси од  темното минато и кавгите. Од говорниците се обарти и пејачката Елизабета Јовановска која зборуваше за иднината на младиот човек во европска Македонија. згм/аа/22:12

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ