Џафери: Кампањата ќе ја водиме транспарентно, непосредно и директно (видео)

Џафери: Кампањата ќе ја водиме транспарентно, непосредно и директно (видео)

Скопје, 7 септември 2018 (МИА) – Пратениците ја почнуваат кампањата за референдумот закажан за 30 септември. Денеска се одржува последната седница пред одржување на референдумот, а активностите се очекува да започнат од понеделник.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на прес-конференција пред отпочнување на кампањата рече дека самото прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, во себе ја содржи стратешката определба за која се залага секој претставник на граѓаните од осамостојувањето на Република Македонија до денес.

- Денес сме овде како координативно тело да ја информираме јавноста дека како овластени носители на кампањата, ќе ја водиме транспарентно, непосредно и директно, без дискриминација, предрасуди и со почитување на волјата на секој граѓанин. Наша цел е детално да ги информираме граѓаните за големата слика, за придобивките од нашето членство во НАТО и ЕУ, кое не подразбира само заштитени граници, заедничка надворешна политика и отворени патишта за нашите граѓани, туку членството подразбира повеќе странски инвестиции, работни места, поголем пазар за пласирање на производи, повеќе можности за образование и напредок на младите генерации, а истовремено и целосно владеење на правото, правната држава, како и реформи во судството и во сите сфери на социјалниот живот, изјави Џафери.

Свесни сме, додаде тој, дека голем дел од граѓаните ги знаат придобивките од членството, но и дека има граѓани кои не го поддржуваат членството на земјата во овие институции.  

Џафери во име на координативно тело ги повика сите учесници во кампањата да се однесуваат, како што кажа, соодветно, коректно, достојно со цел граѓаните на 30 септември да ја донесат вистинската одлука.

Во кампањата на Собранието ќе се вклучат 71 пратеник од сите пратенички групи, со исклучок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која го извести Џафери дека нема да учествува во кампањата и дека бара средствата да бидат потрошени за други цели.

Џафери појасни дека Собранието ќе откупи простор во некои од 65–те медиуми кои до 10 август доставиле ценовник до Државната изборна комисија за референдумот. Медиумскиот план, кажа Џафери, ќе биде објавен на веб-страната  на Собранието и пратениците кампањата ќе ја реализираат на телевизиите и радијата и за преставување на своите ставови ќе имаат девет минути во еден час.

Инаку, пратениците по личен избор ќе можат своите референдумски ставови да ги претставуваат и во своите изборни единици, а како што рече Џафери, нема пречка во таа кампања да се вклучат и други претставници на Владата и политичките партии, но повтори дека тоа мора да биде со сопствени средства.

Претседателот на Собранието уште еднаш потенцира дека пратениците за медиумската кампања нема да добиваат кеш пари, туку дека Собранието ќе исплати средства само за медиумски закуп. Ги повика медиумите што доставиле ценовници до ДИК и до кои е испратено циркуларно писмо да се обратат до Парламентот за склучување на договори за закуп на овој простор за кампањата.

Во однос на одржувањето на пленарните седници, претседателот на Парламентот рече дека денеска на предлог на пратеници ќе се одржи итна седница и оти најверојатно ќе биде последна до одржувањето на референдумот на 30 септември. Џафери, сепак, остави простор и рече дека не се исклучува можноста да има и друга итна седница доколку за тоа има потреба. ев/сд/13:07

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ