• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Кадик: Се надевам дека волјата на граѓаните на референдумот ќе биде за членство во НАТО и ЕУ

Кадик: Се надевам дека волјата на граѓаните на референдумот ќе биде за членство во НАТО и ЕУ

Скопје, 7 септември 2018 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со Оливје Кадик, француски сенатор и претставник на француските државјани кои живеат во странство.

Сенаторот Кадик, како што соопшти кабинетот на Џафери,  јасно и недвосмислено подвлекол дека во Франција постои голема група парламентарци кои сметаат дека постои итна потреба земјата и Регионот што поскоро да се приклучат кон европското семејство.

Живеејќи повеќе од 22 години во Обединетото Кралство, како што рекол, многу добро знае што претставува референдум за трасирање на иднината на една држава и изразил надеж дека граѓаните на Република Македонија ќе ја искажат својата волја во насока на развој на земјата и нејзино пристапување во Европската Унија и НАТО.

- Францускиот сенатор и претставник на француската дијаспора, Оливје Кадик, истакна дека му претставува особена чест што има можност да се сретне со претседателот на Собранието на Република Македонија во период кога земјата се наоѓа пред клучни одлуки, а особено по Самитот во Софија, каде изјавите на  францускиот претседател Макрон беа протолкувани дека содржат доза на претпазливост во однос на интеграцијата на Регионот во европското семејство, се вели во соопштението.

Џафери на средбата истакнал дека политичките односи меѓу двете земји се неоптоварени и пријателски и оти се карактеризираат со континуиран и продлабочен политички дијалог.

Според него, најдобар пример за добрососедство меѓу две земји е француско-германската соработка, особено, како што рекол, земајќи ги предвид историските пригоди од минатото.

- Добрите односи со соседите се клучни за развој на една земја, а обврска на секој политичар е интересот на граѓанинот и државата да се стави над партискиот интерес, рекол претседателот на македонскиот Парламент. 

Двајцата соговорници искажале уверување дека ваков вид средби придонесуваат во зајакнувањето на врските и соработката меѓу Собранието на Република Македонија и францускиот Сенат, како и продлабочување на соработката на двете држави, особено во доменот на економијата, туризмот, транспортот, науката, како и во рамките на претпристапните преговори со Европската Унија и во меѓународните организации. сст/скс/14:27

###

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ