• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Заев: Растот на БДП се должи на политичката стабилизација и отворените врати кон НАТО и ЕУ

Заев: Растот на БДП се должи на политичката стабилизација и отворените врати кон НАТО и ЕУ

Скопје, 9 септември 2018 (МИА) - Во вториот квартал од 2018 година растот на бруто домашниот производ (БДП) достигна 3,1 процент. Во првото полугодие од годинава остварени се 327 милиони евра странските директни инвестициии, што е за 218 отсто повеќе од просекот од последните три години, а растот на индустриското производство за истиот период од лани е поголем за 8,4 проценти како и зголемувањето на работници во индустријата за 7,2 отсто во истиот период. Намалена е стапката на невработеност на 21,1 процент, што е историско најниско досега. Во првите шест месеци на 2018 година реализирани се 10.000 нови вработувања.

Ова денеска на прес-конференцијата заедно со економскиот тим на Владата на РМ го истакна премиерот Зоран Заев уверувајќи дека македонската економија расте и се стабилизира на долг рок.

- Нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст од 3,2 проценти. Во вториот квартал од 2018 година најголем пораст е забележан во секторите уметност, забава, рекреација, други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи и оние кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 13,9 отсто, следниот сектор е трговија на големо и на мало, транспорт и складирање... од 12,7 проценти и третиот се стручните и научно-техничките дејности, административни и услужни дејности од 4,5 проценти, истакна Заев.

Според него ваквиот тренд на пораст на БДП се должи на политичката стабилизација која ја постигна Владата, заедно со поканата за членство во НАТО, започнатиот процес за преговори со ЕУ и спроведување на квалитетни економски политики.

- Во првото полугодие во 2018 година е зголемена наплатата на даноци за 8 отсто во споредба со истиот период од минатата година или 66 милиони евра повеќе прилив во Буџетот. Повратот на ДДВ кон компаниите се одвива навремено и неселективно. Од почетокот на годината до август во стопанството по овој основ вратени се вкупно 250 милиони евра.  Во јули 2018 година исплатена е за 6,1 процент повисока просечна плата во споредба со истиот период лани. Сите овие постигнати економски резултати покажуваат дека економијата чекори кон вистинскиот пат, додаде Заев.

Премиерот нагласи дека со членството на државата во НАТО и спроведување на квалитетни економски политики ќе се постави македонската економија на брза трака и дека во иднина ќе продуцира и повисоки стапки на раст.

Заменикот претседател на Вадата  за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека зголемениот БДП се должи на влијателните фактори како што се индустријата, градежништвото, земјоделството и трговијата, каде што се бележи најголем раст. 

- Во делот на градежништвото кога имавме пад од 40 проценти, БДП беше зголемен за 0,1 процент во првиот квартал. Градежништвото сеуште има помали резултати во споредба со минатата година од 20 отсто, а веќе имаме  3,1 зголемен БДП во споредба со вториот квартал. Градежните проекти ги ставаме во колосек. Главните проекти се автопатиштата Кичево-Охрид, Миладиновци-Штип и новите кои почнаа да се градат како и железницата кон Бугарија и гасоводот. Во кои проекти има една милијарда евра. Тоа се проекти кои ќе го задвижат градежништвото, појасни Анѓушев и нагласи дека со нивна реализација се очекува дополнително зголемување  на БДП.

Министерот за финансии Драган Тевдовски информираше дека во првото полугодии од 2018 година има зголемување на наплатата на даноци за четири милијарди повеќе од  истиот период лани како и дека има значителен раст од придонесите на плати кои растат за 1,5 милијарди денари повеќе од истиот период минатата година. 

- Наплатата на даноците е одлична и во последнива два месеци заклучно со август која е за 7,4  милијарди денари повисока за разлика од истиот период од минатата година. Ова кажува дека економијата е стабилна, а преспективите за раст се добри, рече Тевдоски и додаде дека повратот на ДДВ кон фирмите е неселективен и дека се вратени 15.38 милијарди денари во стопанството. бк/ац/14:33

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ