• A-
  • A
  • A+
среда, 26 септември 2018, 

Заев - Петерсен: Референдумот е граѓанска должност и можност секој да го изрази својот став

Заев - Петерсен: Референдумот е граѓанска должност и можност секој да го изрази својот став

Скопје, 10 септември 2018 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум во Република Македонија.

На средбата, соопшти Секторот за односи со јавност на Владата на Република Македонија, било разговарано за важноста за демократско спроведување на процесот и за потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигури изјаснувањето на граѓаните.

- Посветени сме да спроведеме комплетно регуларен, транспаретен и доверлив  процес, рекол премиерот Заев. 

Претседателот на Владата, Заев, посочил дека во таа насока кампањата за референдумот е едукативна и е првенствено насочена кон објаснување на договорот од Преспа и од придобивките од евроатлантските интеграции, како и кон мотивација на граѓаните, каков став и да имаат, да излезат и да го изразат на претстојниот референдум.

- Референдумот е можност граѓаните да го изразат својот став, но исто така укажуваме дека изјаснувањето е граѓанска должност на секој човек со право на глас, бидејќи се работи за добрата иднина на државата, истакнал Заев.

Тој соопштил дека големото мнозинство граѓани во Македонија уште од прогласувањето на независноста на државата се определени за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО и изразил очекување дека оваа определба ќе се одрази на референдумот.

Премиерот Заев, стои во соопштението, додал дека предреферендумската атмосфера во државата е пријатна и подвлекол дека очекува вклучување и на опозицијата, во функција на остварувањето на стратегиските државни цели и на интересот на граѓаните за просперитетна иднина. 

На средбата била изразена согласност за важноста на извештајот што ќе го подготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум, со оглед дека Македонија очекува почеток на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата. А, претставувањето на Република Македонија како држава којашто практикува демократија, како што рекол премиерот Заев, е значајно за впечатоците дека земјата се развива во добар правец, низ почитување на европските вредности. цр/са/13:44

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ