• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Од 2019 година почнува реализацијата на акцискиот план за реформа во администрацијата

Од 2019 година почнува реализацијата на акцискиот план за реформа во администрацијата

Скопје, 10 септември 2018 (МИА) - Советот за реформа во јавната администрација денеска го одржа третиот состанок со цел да се координираат институциите за клучните реформи во оваа област во престојниот период. 

На состанокот е дискутирано за буџетските импликации за 2019 година од акцискиот план на Стратегијата за реформа во јавната администрација, како и за предлогот за воведување нов систем за висока раководна служба. Разгледани се и предлози за следење именувања и разрешувања, вработувања и отпуштања како алатка што ќе придонесе за департизација на јавната администрација. 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, како што соопшти владината прес-служба, ја потенцирал нужноста од забрзување на динамиката за спроведување на хоризонталната функционална анализа на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби од централната власт што ќе овозможи во почетокот на следната година да се почне со имплементација на реорганизацијата.

Министрите за информатичко општество, финансии и труд и социјална политика истакнале дека институциите веќе работат координирано на анализата за подготвување на акцискиот план, којшто ќе почне да се реализира од следната година.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, оваа реформа е повеќе од потребна и ќе придонесе да се стави финансиски ред во функционирањето на институциите и органите во државната администрација. 

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу посочил дека реформите што се прават на централно ниво ќе треба да се имплементираат и на локално ниво. бак/скс/14:33

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ