Охридската пастрмка во опасност од физичко истребување

Охридската пастрмка во опасност од физичко истребување

Охрид, 5 август 2018 (МИА) – Ендемичниот вид Охридска пастрмка (Salmo letnica) ја губи битката со антропогениот фактор кој е виновникот за драстичното намалување на нејзината популација. За намалувањето на вкупниот рибен фонд во Охридското Езеро влијаат многу фактори, но најголем предизвик за рибите, вклучувајќи ја тука и пастрмката и нејзиниот опстанок, е прекумерниот излов што се одвива на двете страни од езерото.

Проблемот со прекумерниот излов на риба од Охридското Езеро е повеќедецениски, но истиот е особено изразен последните години. Научната фела тоа го знае, но стопанисувањето со рибниот фонд во езерото не е во нејзин домен.

Oдговори на повеќе прашања поврзани со проблематиката на заштитата на рибниот фонд во Охридското Езеро побаравме од Зоран Спирковски, раководителот на Одделението за аквакултура и применето рибарство при Хидробиолошкиот завод во Охрид.

Зоран Спирковски

Кои беа „симптомите“ согледувани од страна на Хидробилошки завод низ годините кои укажуваа на намалувањето на бројноста на примероците охридска пастрмка?

Уште во деведесетите години на минатиот век беше забележан пад на фондот на охридската пастрмка и голем број на документи во форма на мислења, информации, сознанија, програми, планови и научни трудови во кои е изнесена утврдената состојба со проблемите на рибниот фонд како и дадени препораки, како на пример отфрлање на користењето на „висечки мрежи“ се доставувани до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во 2004 година препорака за воведување на тотален мораториум на риболовот на Охридското Езеро што траеше до септември 2012 година.

Воедно риболовот за вештачки мрест од 2005 година до денес се одвива со методот „фати – пушти“ со што матиците се враќаат во водите на езерото за да учествуваат во репродукција и идните години, а не како до 2005 година кога секоја уловена единка завршуваше на пазар за продажба и профит на концесионерот. Истата техника е применета и од албанска страна по наши препораки.

За жал, периодот на тоталната забрана се преклопи со период на лоша социо-економска состојба на граѓаните од регионот кои излезот од живот со нередовен приход (беа затворени сите поголеми произведувачки капацитети и фабрики) го бараа во користење на природните ресурси од кои поради високата продажна цена најпримамлива беше охридската пастрмка. Со оваа состојба, односно нелегалниот риболов, државните инструменти не успеаа да се справат. Воедно, недостаток беше и неприменливоста на мораториумот на албанската страна од езерото.

Пастрмка во мрежа

Колку несоодветниот риболовен алат (мрежи) придонесе за прекумерното намалување на бројноста на пастрмката?

Најголеми фактор за намалување на бројноста на пастрмката се: прекумерниот риболов легален и нелегален, недоволната физичка заштита на рибните плодишта пред и за време на природниот мрест на пастрмката, како и неизедначените критериуми како за квоти, така и за користење дозволен рибарски алат, период на забрана и друго помеѓу двете држави Албанија и Македонија.

Зошто мораторумот за лов беше прекинат?

Како што и претходно беше напоменато во периодот на тоталниот мораториум на риболовот, притисокот од нелегален риболов беше огромен и механизмите на заштита не функционираа на потребното ниво за негово анулирање. Само со седум рибочувари кои ја покриваа целата македонска територија не беше можно да контролира ситуацијата. Воедно, неговата примена само на македонската страна, без вклученост на албанскиот дел од езерото, длабоко ги намалува очекуваните резултати.

Препорака беше дадена дека доколку механизмите на контрола (Инспекторатот за земјоделство, Рибочуварската служба, Министерството за внатрешни работи итн.) се спроведат во заеднички активности со Концесионерот, би се подигнала заштитата на рибниот фонд на повисоко ниво.

Ендемски 8 пастрмка

Дали квотите што ги препорачува Хидробилошкиот завод за улов на пастрмка се одржливи и помагаат во обновување на фондот на пастрмката?

Квотите предложени од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ се препорачани согласно продукцијата на езерото и годишниот прираст на видовите со економско значење и се во насока на обновување на фондот на пастрмката. Но, нужно е да се напомене дека покрај неброените заложби и укажувања од страна на нашиот институт за обезбедување средства за спроведување на реална проценка на најзначајните комерцијални видови од рибниот фонд и следењето на нивните популации (пастрмка, белвица, крап и плашица), досега нашата држава не ја разбра неопходноста од истото и не издвоила средства. Засега државата издвојува 6.5 милиони денари за реализација на порибување на езерото со деветмесечен подмладок во количина од 2.5 милиони единки.

Но, и овде треба да се напомене дека и овие истражувања мора да бидат спроведени заеднички со албанската страна.

Дали Концесионерот е придобивка или нужно зло за понатамошно одржување на бројноста на пастрмката?

Доколку примарната функција на Концесионерот е заштитата и унапредувањето на рибниот фонд како што и се наведува во сите официјални документи, а не исклучиво материјална корист преку искористување на рибниот фонд, тогаш Концесијата на рибниот фонд е придобивка.

Порибување пастрмка

Каква е моменталната состојба со бројноста, споредено со минатото?

За жал, врз основа на евидентираните ловини од страна на Концесионерот, констатирано е големо намалување на популацијата. Но, од друга страна имајќи го предвид претходно изнесениот недостаток од соодветни постојани следења на рибите, со исклучок за време на риболовот за потребите на вештачкиот мрест од пастрмката, се соочуваме со податоци на значајни евидентирани количества пастрмка на албанската страна и тоа во просек од 50 илјади килограми на годишно ниво за последниве пет години. Немаме сознанија за какви старосни и возрасни класи станува збор.

И покрај постојаното порибување, се уште немаме соодветни сознанија за успешноста на истото, за што се потребни средства за реализација на наведениот начин на истражувања, со што би се направилна темелна основа за определување на реално проценети квоти базирани врз возрасната структура на популацијата и на тој начин да се определат најсоодветни мерки на заштита.

риболов охрид

Има ли најава за евентуални промени во квотите, употребата на риболовниот алат...какви се согледувањата базирани на изминатиов петгодишен период под концесија?

Во риболовната основа за Охридското Езеро за периодот 2017-2022 чиј изготвувач е Институтот за сточарство од Скопје, е направена измена на квотите на дозволен риболов на пастрмка и белвица во правец на нивна редукција. Претходно предвидените годишни квоти од два тони за пастрмка и 18 тони за белвица се намалени на 100 килограми односно осум тони последователно. Исто така, проширени се периодите на забрана за лов за сите видови риби од езерото.

Од друга страна пак, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија и ресорното Министерство на албанската Влада, формирана е билатерална работна група за решавање на проблемите од рибарството на Охридското Езеро со членови претставници од научни институции и Министерствата на Р. Албанија и Р. Македонија, за изедначување на критериумите и мерките на заштита и искористување на рибниот фонд од Охридското Езеро. Согласно одлуките што ќе бидат донесени од тоа тело, а воедно земајќи ги предвид искуствата од изминатиот шестгодишен период, ќе бидат предложени измени во насока на изедначување на критерумите на заштита и искористување за наредниот период по истекувањето на Концесијата.

Но, дококу не се спроведат претходно наведените истражувања, сето ќе биде сведено на апроксимација преку употреба на индиректни методи на проценка на рибниот фонд. Концесијата е шестгодишна и е потребно многу повисоко ниво на контрола на работата на Концесионерот.

рибокрадство охрид

Дали рибокрадството е намалено во последните години?

Очекувањето дека со воведување на Концесија и избор на концесионер ќе биде зголемена физичката заштита, со препорачани минимум 12 рибочувари во Риболовната основа не е исполнето.

Фактот што речиси сите ресторани околу Охридското Езеро и пошироко постојано нудат и служат охридска пастрмка, со што далеку и многукратно ги надминува уловените количини од најмногу илјада килограми на годишно ниво пријавени од страна на Концесионерот како единствен правен субјект од кого може да се обезбеди риба на македонската страна, најсликовито ја покажува состојбата со рибокрадството.

Која е најголемата закана за пастрмката и што би требало да се стори во насока на нејзина трајна заштита?

Препорачаната зголемена физичка заштита пред и за време на природниот мрест, прекугранична и внатрешна контролата на движење и трговија на уловот, континуирано изведување на вештачки мрест и порибување со подмладок од охридска пастрмка и неопходноста од толку потребните содветни истражувања на истата.

Со сигурност можам да тврдам дека ако физичката заштита е на високо ниво на двете страни од езерото, реанимацијата на популацијата на пастрмката ќе биде возможна за релативно краток временски период.

Риби

Дали освен пастрмката намалена е и популацијата на белвицата и другите видови?

Како супституција на охридската пастрмка притисокот со риболовот, како легален така и нелегален, е пренесен врз охридската белвица и доколку се продолжи со интензивен риболов падот на нејзината популација е повеќе од за очекување.

За разлика од пастрмките се зголемува популацијата на плашицата, а воедно истата не се лови ни приближно на препорачаните квоти. На тој начин се намалува достапноста на храна (зоопланктон) во езерото за пастрмката бидејќи и плашицата се исхранува со истиот, изјави Спирковски во интервјуто за МИА.

Експертите сметаат дека ниту иницијативата од минатото за прогласување на Хидробиолошкиот завод за субјектот што би стопанисувал и би бил физички заштитар на рибата не е решение оттаму што како јавна установа е подлежна на одредени сосема спротивни влијанија.

Иницијативите во насока на поголема заштита на рибниот фонд во езерото секако се добредојдени, а се очекува со прогласувањето и на албанскиот дел од Охридското Езеро за природно богатство од светско значење заштитено од УНЕСКО да придонесе за поголема котнтрола на изловот на риба и нејзина поголема заштита.

Александар Бачиќ

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...