• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Штип го одбележува Илинден

Штип го одбележува Илинден

Штип, 2 август 2018 (МИА) - Штип денеска ги слави Денот на Републиката, 2 Август, и двата историски Илиндена, одбележува 115 години од Илинденското востание и 74 години од првото заседание на АСНОМ на кое присуствувале и неколкумина штипјани.

Делегации на Општината, Општинската организација на Сојузот на борци, државни институции и политички партии положија цвеќе на спомениците во Алејата на народните херои, на Спомен-релјефот на Гоце Делчев во населбата Ново Село и на спомениците на загинатите борци во селата Долани и Драгоево.

Претседателот на Советот на Општина Штип Јане Миланов во говор на споменикот на загинатите борци во село Долани истакна дека семото на слободата посеано во текот на Илинденската епопеја изникна и процвета за време на НОБ, а идеалите на Илинденците конечно беа оставрени со победата над фашистичките окупатори.

- Патот до оставрувањето на овој вековен стремеж беше исполнет со бројни жртви и означен со крвта на бројни борци и револуционери, кои ги положија своите животи на олтарот на слободата. Во таа плејада на херои со посебен пиетет ги издвојуваме имињата на четворијцата револуционери од село Долани. Овде во Долани поради учество и помагање во Народно ослободителната борба без докази и судење, а само за задоволување на сопствениот бес и ѕверство фашистичките окупатори брутално ги убиваат Станое Данев делегат на АСНОМ, неговиот помал брат Методи Данев, Ристо Стојков и Крсто Митев, рече Миланов, укажувајќи дека најсветлиот период во историјата на македонскиот народ немаше да се случи без храброста на овие борци. вдј/мч/11:02

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ