• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Пораки на Илинден за и против референдумот

Пораки на Илинден за и против референдумот

Скопје, 3 август 2018 (МИА) - Претстојниот референдум и Договорот со Грција беа доминантни во говорите на државниот врв на чествувањето на Денот на Републиката - 2 Август Илинден. Претседателот на Владата Зоран Заев од Пелинце и претседателот на Собранието Талат Џафери од Скопје испратија пораки дека  тоа е единствениот пат до стратешката цел - европска и напредна Македонија.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, пак, од Крушево критикувајќи го Договорот рече дека тој е резултат на славољубие и повтори дека нема да го прифати. За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, повиците на Владата за сплотеност и обединост се само зборови, а делата се сосема поинакви. 

Премиерот Заев ги повика граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија. Договорот со Грција, рече тој, е патриотски и со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство. Според премиерот, нема подобар начин да им се одолжиме на борците од минатото,  освен со продолжување на нивните храбри чекори. Време е, рече, Македонија да направи историја, забрзано да продолжи на патот кон посветла иднина.

 Илинден заев

- Одговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички, никој место нас нема да донесе одлука. Имаме историска шанса Македонија да ја извелечеме од долгогодишната криза и да ги решиме длабоките проблеми. Светот едногласно ја поддржува новата политичка страница на Македонија која води кон квалитетен живот на сите во земјата.... Уверен сум дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор, дека ќе го избереме патот што води напред...  Доста е небиднина, ќе избереме иднина, време е за иднина наместо небиднина. На 30 септември ќе ги одбиеме мракот, криминалот, незивесноста и изолацијата, истакна претседателот на Владата од кумановско Пелинце.

И претседателот на Собранието Талат Џафери од пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во Скопје ги повика граѓаните и опозицијата да поддржат исполнување на Договорот со Грција за името. 

- Веќе е добиена поканата за полноправно членство во НАТО и имаме конкретен датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Сега сите  ние како граѓани сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата или, пак, ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не не води никаде е наш избор, истакна Џафери.

Илинден Џафери

Шефот на државата Ѓорге Иванов во својот говор од Мечкин Камен го повтори ставот дека е против Договорот од Преспа  и рече дека ниту еден поединец од ниту една генерација нема право да тргува со името и иднетитетот.

Ја обвини Владата дека го заобиколува за ова прашање, но верува, рече, дека народот е доволно зрел и мудар да ја одбере својата иднина. Според Иванов, македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство во ЕУ и НАТО, но таму сакаат со своето име, достоинство и чест. Денешната ситуација ја спореди со онаа од пред 20 години кога тогашната влада го призна Тајван.

- Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, Грчкиот е резултат на славољубие. Ако со Тајванскиот договор се направи обид за редефинирање на територијата, со Грчкиот се редефинира државата. Се зборува за владеење на правото, а се врши правно насилство. На некои политичари, како да им е побитна личната слава од достоинството на нашиот народ... Останувам доследен и принципиелен - не го прифаќам Грчкиот договор кој е на штета на македонскиот идентитет. Без македонски народ општото добро ќе биде сведено на ничие и секој ќе може да го разнебитува, а земјата ќе стане ничија,  рече Иванов од Крушево.

Илинден Иванов

А од Мечкин Камен министерот Дамјан Манчевски, како претставник од Владата на чествувањето, во изјава за медиумите му порача на претседателот „убаво да го прочита Договорот со Грција“ и да види дека со него, како што рече, се загарантирани македонскиот јазик, македонската национална посебност и македонскиот идентитет.

- Денеска Иванов повторно не успеа да се надмине во својата немоќ. Се стави против македонската иднина и против подобар живот, против повисоки плати и работни места, рече Манчевски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски коментирајќи ја актуелната политичка состојба во земјава од собирот во струшко Ташмаруништа оцени  дека повиците на власта за сплотеност и обединост се само зборови, а делата се сосема поинакви. 

- За каква сплотеност се работи кога на сила без консултации туркаат референдумско прашање за смена на името, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски подвлече дека неговата партија е за вистинска ЕУ со сите вистински вредности и можности кои ги нуди. Според него, премиерот и владата „силно се удираат в гради“ дека се за ЕУ, а дека сите останати кои, како што рече, не ја споделуваат нивната капитулација, не се за ЕУ.

Различните ставови околу референдумот и договорот со Грција ги покажаа и некои од посетителите на собирите. Говорот на претседателот Иванов беше поздравен со скандирања на неговото име.

Припадници на навивачката група „Комити“ присутни на прославата на Мечкин Камен фрлаа предмети кон делегациите од Владата и Собранието. МВР синоќа соопшти дека презема мерки за идентификација на сторителите и против нив ќе има соодветни поднесоци. Во содејство со Јавното обвинителство, додаде МВР, ќе ги расчисти случаите на ширење говор на омраза на манифестацијата во Крушево. хс/са/07:31

###

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ