Прилеп денеска го чествуваше споменот на 10-те загинати бранители на Карпалак

Прилеп денеска го чествуваше споменот на 10-те загинати бранители на Карпалак

Прилеп, 8 август 2018 (МИА) - Прилеп денеска одбележа 17 годишни од Карпалак и споменот на 10-те загинати прилепски бранители. Главното чествување беше пред споменикот во центарот на градот. Бројни делегации, од кабинетот на претседателот на државата, од Собранието, Владата, од Министерството за одбрана и АРМ, од локалната самоуправа, семејствата на загинатите, здруженија, политички партии и граѓани положија свежи цвеќиња пред споменикот „Карпалак“ на кој се врежани имињата на 10-те загинати бранители: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, десетемина, кога и беа потребни на државата, застанаа храбро на браникот на слободата, ги положија животите, ја вградија саможртвата во иднината на оваа земја.

Затоа, пред паметникот во нивна чест, да застанеме на страната на иднината, против сите темнини, зла и несреќи што со себе, ги носат воените конфликти.

- Оваа колективна жртва на Прилеп од 2001-ва, нека биде опомена и порака, со преговори и во мир и слобода да ги решаваме сите отворени прашања на патот на политичката битка, по кој што чекориме и денес. Како народ судбоносно сме исправени пред искушенија, и постојано пред нови битки. Но, целта ни е трасирана и веќе чекориме кон НАТО и Европската Унија. Да ги тргнеме заканите и злото, да го направиме последниот исчекор што ќе значи заокружување на вековната битка што ја води државата, за да се вгради во сите современи европски текови, порача Јованоски пред спомен обележјето во центарот на Прилеп.

За семејствата на загинатите непреболот останува. Сестрата на загинатиот Љубе Грујоски, Елица Дамческа со апел ниту едно друго семејство да не преживеа ваква трагедија

- Секоја година е тешко. Кога ќе се наближи 8 август, станува неподносливо. Ги загубивме родителите, тешко е. Мојата порака е: никогаш ова да не се повтори. Ниедно семејство да не ги преживува ваквите болки и трагедии, рече Елица Дамческа.

На бранителите им треба бесплатно здравствено осигурување, но и почит, велат Игор Петрески, претседател на здружението Карпалак и учесникот на трагичниот 8 август 2001-та, Благоја Сливоски.

- Главно, останува нашето барање за бесплатно здравствено лекување на сите бранители, а и вработувањата, вели Петрески.

Сливоски рече дека бараат почит кон нив и порача политичарите да ги остават на мир.

Претпладнето, беа посетени вечните почивалишта на загинатите, на гробиштата во прилеп и во населените места.ем/скс/15:29

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ