• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Промовирана книгата на Марјан Танушевски „Лобирање во културата – Конзулската дипломатија во Битола“

Промовирана книгата на Марјан Танушевски „Лобирање во културата – Конзулската дипломатија во Битола“

Битола, 17 август 2018 (МИА) - Општина Битола и Македонско научно друштво-Битола синоќа приредија промоција на книгата „Лобирање во културата – Конзулската дипломатија во Битола“, чиј автор е вон. проф. д-р Марјан Танушевски.

Според професорот Нано Ружин, рецензент и промотор на книгата, трудот на Танушевски претставува подарок за Битола, дело во кое взаемно се испреплетуваат три теми, дипломатија, лобирање и култура.

- Во книгата, авторот посочува на една важна карактеристика на дипломатијата, а тоа е децентрализацијата и во тој контекст голема улога има Франција како пионер со реанимацијата на конзулатот во Битола. Културната дипломатија како дел од јавната дипломатија е заеднички именител на сите дипломати и почесни конзули во Битола, и во таа смисла нема сомнение дека културата која секогаш ги збогатувала духовите е најелегантниот простор за лобирање, истакна професорот Ружин и посочи дека трудот претставува вечно напишан документ за еден светол временски интервал на градот Битола.

Танушевски промоција

На синоќешната промоција, почесниот француски конзул и прв почесен конзул со кого почнува ребрендирањето на конзулската традиција во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, нагласи дека авторот успеал на едно место да ги збере сите конзули, и во една книга да ги презентира сите активности почнувајќи од нивниот избор, па се до денес.

- Научно истражувачкиот пристап и презентираните резулати потсетуваат на тоа што се досега иницирале и реализирале почесните конзули, а со прекрасниот наративен пристап кој меѓудругото е и резултат и на големото новинарско искуство, авторот нуди четиво и јасна слика за овој конзулски период. Во соработка со општината и со користење на феноменот лобирање, взаемните успеси ќе бидат уште поголеми, рече меѓудругото Кривашија Стилиновиќ на промотивниот настан што се одржа во битолскиот Музеј.

Авторот на книгата „Лобирање во културата-Конзулската дипломатија во Битола“, Марјан Танушевски, на синоќешната промоција нагласи дека трудот претставува личен придонес во одбележувањето на европската година на културното наследство и поттик за формирање конзулско лоби кое освен за културниот, ќе придонесува и за економскиот развој на Битола.

На промотивниот настан присуствуваа градоначалникот на Битола Наташа Петровска, почесните конзули во Битола и членови на Македонско научно друштво-Битола.мт/са/07:40

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ