„Мрдни со прст“: Приклучете се на „Нахрани 10.000“, „За сите во нашата заедница, од еден до 100“, „АКТО“ и „Размрдај се“

„Мрдни со прст“: Приклучете се на „Нахрани 10.000“, „За сите во нашата заедница, од еден до 100“, „АКТО“ и „Размрдај се“

Скопје, 23 август 2018 (МИА) - Граѓанската платформа „Мрдни со прст“ ги повикува сите граѓани на Република Македонија да се приклучат на акцијата „Нахрани 10.000“, настаните „За сите во нашата заедница, од еден до 100“ и „Размрдај се“, како и фестивалот „АКТО“, што се спроведуваат со поддршка на Платформата. 

Од „Мрдни со прст“ посочуваат дека ќе ја поддржат националната хуманитарна акција „Нахрани 10.000“, за собирање храна, што е организирана од страна на мрежата „Сите сити“, наведувајќи дека првиот хуманитарен чин ќе се случи на 6 септември. 

- Секој месец ќе се случува настанот „Нахрани 10.000“. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно, истакна Блаже Јосифовски од „Сите сити“. 

Вели, се амбицираат овој настан да прерасне во континуирана месечна акција во 10 градови во земјава: Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница. 

- Ги повикуваме жителите на Крива Паланка, Кавадарци, Штип, Дојран, Валандово, Струмица и Пробиштип да се приклучат на настанот „Размрдај се“, на кој фитнес-инструктор одржува час на отворено. Настанот е од отворен тип и се одржува во парковите и општините, наведе Ана Зафирова од „Мрдни со прст“.

Таа истакна  дека настанот почнал да се одржува на 18 август, а дека ќе заврши на 9 септември, потенцирајќи дека Платформата набавила простирки за вежбање, кои присутните можат да си ги земат како подарок откако ќе го проследат целиот час. 

- Утре од 10 до 17 часот во Битола, на тревникот до Офицерскиот дом, Фондацијата „Чекор по чекор“, со поддршка од „Мрдни со прст“, ќе спроведе еднодневен настан „За сите во нашата општина, од еден до 100“, чија цел е да се зајакне соработката меѓу членовите на заедницата, невладините организации и институциите, информираше Мајда Јошевка од „Чекор по чекор“. 

Таа нагласи дека настанот е дел од програмата на овогодинешниот „АКТО“ фестивал.

- Фестивалот за современи уметности „АКТО“, 13-то издание по ред, ќе се одржува од денеска до 25 август во Битола, во организација на Факултетот за работи што не се учат, на тема „Општество во изградба“, изјави Јошевска. 

Зафирова ја нагласи важноста на претстојните активности, упатувајќи апел до сите жители на Република Македонија да се вклучат во што поголем број, од една страна со цел да им помогнат на нивните сограѓани од социјално загрозените категории, од друга страна, за да се забавуваат и надградуваат. 

- Сите овие настани ќе кулминираат со голема целодневна дружба, која ќе се реализира во Градскиот парк во Скопје на 15 септември и ќе донесе спој на низа настани поддржани од „Мрдни со прст“, заклучи Зафирова. см/са/12:54

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ