ИРИ: 57 отсто од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ и НАТО под „Република Северна Македонија“

ИРИ: 57 отсто од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ и НАТО под „Република Северна Македонија“

Скопје, 29 август 2018 (МИА) - Мнозинството македонски граѓани сакаат да се реши спорот за името со Грција и Македонија да стане членка на Европската Унија и на НАТО, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во пресрет на референдумот на 30 септември.

Вкупно 57 проценти од анкетираните, од кои 37 отсто „целосно“, а 20 проценти „донекаде“ го поддржуваат предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“. Истиот број (57 проценти) веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име. Половина од анкетираните (49 проценти) имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.

Анкета ИРИ мала

- Како што Македонија се приближува кон овој важен референдум, поддршката за компромисно решение на спорот за името, што би ги отворило вратите кон членство во ЕУ и НАТО, укажува на силна наклонетост кон трансатлантските институции, вели Пол Мекарти, в.д. регионален директор на ИРИ за Европа.

Поддршката за членство во ЕУ и НАТО продолжува да расте. Бројот на анкетираните кои го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ порасна на 83 проценти – што е зголемување од шест проценти од однос на август 2017, а за 11 проценти од март 2017. Поддршката за НАТО исто така останува силна со 77 проценти.

Анкета ИРИ мала

Анкетата одразува и постојан тренд на зголемен оптимизам и перцепција за националната стабилност. Триесет и седум проценти од анкетираните сметаат дека земјата се движи во вистинската насока - што е зголемување од 10 проценти од август 2017 и 23 проценти од март 2017. Перцепцијата за стабилноста е исто така висока. Бројот на анкетирани кои сметаат дека Македонија е постабилна денес отколку пред една година (37 проценти) го надминува бројот на оние кои веруваат во спротивното (25 проценти) што е првпат во последните девет години.

Анкетата на ИРИ е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку ГфК Скопје. Податоците се собрани преку интервјуа лице в лице од 28 јуни до 15 јули 2018 година од страна на обучени професионалци. Примерокот се состои од 1.100 анкетирани, на возраст над 18 години, а стапката на одговор беше 69 проценти.

Истражување е спроведено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој.са/сд/11:22

                                                                                                                   ###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ