• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Иселениците внесуваат нов живот во гостиварско Трново

Иселениците внесуваат нов живот во гостиварско Трново

Гостивар, 9 септември 2018 (МИА) -  Стуткано во подножјето на планината Сува Гора, во крајот што Албанците го нарекуваат Мелесија, селото Трново десет месеци е мирно, речиси здодевно. Во него, едвај триесетина фамилии живеат постојано. Најбројни се пензионерите кои чуваат по некое добиче, колку за занимација. Во јули и август во Трново е поинаку. Детскиот џагор, модeрни автомобили и луѓе рашетани по сокаците ја даваат онаа, другата, слика за селото што важи за едно од најодделечените од градот Гостивар, центарот на општината. Безмалу двесет и пет километри, за кои се потребни 40 минути внимателно возење.

Прва иселеничка средба

Особено раздвижено беше на почетокот на август. На првата културно-забавна манифестација „Трново слави“, годинава во родниот крај допатуваа над петстотини иселеници. Имаше и такви првпат дошле по половина век на родното огниште. Деца родени во некоја странска земја, првпат зачекорија по сокаците и ливадите на кои пораснале нивните родители.

џамија трново

За верниците беше организирана и петочна молитва во селската џамија која беше претесна да ги прими сите. Овој објект е од понов датум од 1994 година, а изграден е на темелите од џамија која била датирала од 17 век.

трново репортажа

Оттука, врвулицата луѓе тргна кон другиот крај на селото. Им се приклучија и деца и жени. По патот освен транспарент за добредојде имаше уште еден кој фасцинираше со пораката. На него, на албански беше напишано „слави со срце, не со оружје“. Дискретно, но доволно силно за да се укаже дека на оваа прослава нема да се користи огнено оружје.

трново репортажа

На ледината близу училишната зграда се одвиваше предвидената програма. Традиционални албански песни и ора што ги изведоа фолклорни друштва од Скопје и Гостивар. За да биде попријатно, домаќините обезбедија храна и пијалаци и чадори како заштита од сонцето. Имаше аплаузи, па и по некоја банкнота за „погодената песна“. Репертоарот сочинет од свадбарски песни, кои се пееле пред речиси еден век и по некоја елегична за печалбата. Зад целата работа околу организацијата застана здружението на иселеници од ова село кое ги обединува сите печелабри што се низ светот.

- Идејата за средбата дојде од желбата да се зачува традицијата и да се спојат луѓето кои одамна не се виделе. Ова е важно за да зближат и луѓето кои во овие динамични времиња се раштркани низ целиот свет. Задоволни сме од одѕивот и што иницијативата ја поддржаа нашите сонародноци кои се низ повеќе земји, вели Елбаш Абази, секретар на здружението на иселеници Трново.

трново репортажа

Покрај звуците на родниот крај и изигрините ора, особено внимание привлекоа натпреварите во фрлање камен, тегнење јаже и скокање во далечина во трискок. Наградата беше аплаузот, иако натпреварувачкиот дух беше на високо ниво. Желбата да се победи ги мотивираше учесниците да покажат дел од вештините кои ги стекнале кога биле деца.

трново репортажа

 Солзи и прегратки по половина век

Првата средба внесе ведрина кај многумина. Некои се прегрнаа по речиси половина век. Некои Трново го напуштиле одамна, но во меѓувреме доаѓале. Го сретнавме и Мазлам Лумани. Овој витален старец што навлегол во деветатта деценија деценија од животот. Заради политичките ставови емигрирал во САД во шеесетите години од минатиот век. Бил прогонуван од безбедносните служби во тоа време, а сега, вели ќе доаѓа почесто, оти ги нема „сватовите“ кои порано го следеле и дека се чувствува послободно. Со некои од роднините на кои само им го знаел името, по прв пат се видел. Се пожали дека не може повеќе како некогаш да ги шета селските сокаци, шеговито вели дека станале пострмни. За поранешното време, рече, ќе зборува друг пат, сега само ќе слави.

Дента првпат со своите соселани се сретнаа и браќата Садик и Хамзи Тахири. Тие како мали деца со родителите се отселиле во тетовското село Седларце. Уживаа на летното сонце во друштво на пријателите и носталгично се сеќаваа на нивното детство. Меѓу дојденците беше и Исмаил Белули, кој допатува од Швајцарија. Тој на трновци им е познат како еден од интелектуалците кој се залага за подобар живот во родниот крај. Стана попознат кога беше кандидиран за пратеник од дијаспората. Иако е далеку од родното огниште доаѓа барем еднаш во годината.

- За да опстанат луѓето во овој крај потребни се вложувања. Иако печалбарите вложуваат многу, сепак, ќе треба и државата да инвестира и да ги подобри условите за живот, вели Белули.

Во славењето и дружењето им се приклучија и соседите од селото Страјане. Со нив немаат ривалство, како една фамилија се, велат.

Трново, царство на варџии

Какви траги оставило иселувањето се гледа и преку бројот на млади. Во селото постојано живеат триесетина фамилии, а во селското училиште има петнаесетина ученици.

Тие што останале, главно живеат од одгледување добиток и земјоделство. Некогаш во ова село се произведувала вар и по тоа биле надалеку познати. Во пазувите на планината имало повеќе од триесет печки за печење варовиник и тоа било основна егзистенција. Главната дејност на овие планинци ја сочувал само еден човек. Бељул Тахити е сопственик на единствената печка во која на традиционален начин се пече вар.

Тој занаетот го наследил од неговиот татко, а претходно две генерации го ваделе каменот од планината и го ставеле во печките да се жари на силен оган. Сега не заработува многу, бидејќи еден килограм вар е 50 денари, а во градежништвото се користат други материјали. Вели, не е како порано кога за да се иѕида една куќа се користеле само камен, вар и песок. Сега кај него доаѓаат и луѓе кои бараат вар за да направат варова вода, која како што рече имала лековити својства.

Во селото има една чајџилница која е место за средби и дружење, во неа главно седат постарите и пензионерите. До неа уреден простор во кој доминира споменик  на нивен соселанец кој загинал во конфликтот во 2001 година како припадник на ОНА.

Во друштво на двајца пензионери кои работниот век го поминале во Австрија слушнавме многу работи. Шефик Трнова и Нури Незири се сеќаваат на нивните денови пред да заминат во странство за подобра егистенција.

Шефик, пред да замине им помагал на неговите кои се занимавале со производство на вар. Вели дека тогаш било тешко и морал да бара излез. Децата му се во странство, а тој си дошол во родниот крај.

трново репортажа

- Трновци не се откажуваат од своето село. Најмногу се отселени во градот, во Гостивар, но сè уште инвестираат во селото. Па не само постарите и помладите генерации тука градат куќи. Ова село има природен потенцијал за да се претвори во вистинска туристичка дестинација, вели Незири.

Првите пишани записи за ова село датираат уште од 15. век од времето на Османлиското царство. Во околината има темели и остатоци на пет цркви, што, пак, се толкува дека во овие краеви имало христијани кои најверојатно биле исламизирани низ вековите.

Селото неодамна доби нова асфалтна сообраќајница долга 800 метри и го прави движењето со автомобил покомфорно. Локалната самоуправа со европските фондови успеа да ја засили инфрастрктурата во селото за да се олесни животот на преостанатите трновци.

Враќањето кон Гостивар кое трае повеќе од половина час ни дава можност да поуживаме во впечатоците. Планинскиот крајолик го разубавува дабовата шума и пејсажите кои се наѕираат по некоја кривина од локалниот пат. Преку зима тука е тешко да се живее заради снегот кој понекогаш го блокира сообраќајот.

Убавите и модерни градби кои ги гледаме даваат надеж дека ова село има иднина.

Зоран Г. Маџоски

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ