Обука на 12 парамедици од Црвениот крст Охрид

Обука на 12 парамедици од Црвениот крст Охрид

Охрид, 3 септември 2018 (МИА) – Дванаесет волонтери на Црвенот крст од Охрид ќе бидат обучени за укажување прва помош, третман и реанимација на повредени лица, во рамки на програмата што заеднички ја реализираат Општинската организација на Црвениот крст, Средното медицинско училиште „Кирил и Методиј“ од Охрид и Националниот здравствен сервис на Холандија.

Станува збор за обука на парамедици според програмата PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support), што предвидува најнови знаења и најсовремени техники во справување со најсложени ситуации и интервенции за третман на повредени лица во најразлични кризни ситуации.

Обуката се состои од два дела од кои првиот ќе се реализира од денеска до 7 септември, што ќе го спроведуваат веќе обучени парамедици на охридскиот „Црвен крст“, пред се како запознавање на учесниците на обуката со основните знаење за PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support) програмата. Вториот дел од обуката ќе се реализира во периодот од 29 септември до 4 октомври, со учество на тројца инструктори-парамедици од Националниот здравствен сервис на Холандија кои со соодветна опрема и нагледни средства ќе ги обучуваат кандидатите за парамедици со најнови техники на укажување прва помош, третман и реанимација на повредени.

Преку слична програма Црвениот крст од Охрид за свои потреби пред две години спроведе стручна обука на 16 парамедици, веќе оспособени лица за пружање прва помош согласно европските стандарди и протоколи. аб/скс/14:02

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ