• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Едукативна работилница во Крива Паланка за лицата од трето доба

Едукативна работилница во Крива Паланка за лицата од трето доба

Крива Паланка, 9 септември 2018 (МИА) – Лица од третото доба од Крива Паланка денеска присуствуваа на едукативна работилница „Вовед во стареењето и човекови права на старите лица“.

- Едукативните работилници се наменети на граѓани – постари лица во заедниците и имаат за цел да се поттикнат постарите лица на локално ниво да развијат вештини, да стекнат знаења и да најдат мотивација за борба против социјалната исклученост и изолација и да учествуваат во културните, политички и социјални активности во нивните локални заедници, но и да се залагаат за различни прашања релевантни за нивниот квалитет на живот, истакна Љупка Петковска од Црвен Крст на Македонија.

На работилницата присуствуваа 60-тина лица од општината кои се запознаа со правата на старите лица, заштитата од семејното насилство и злоупотреба, мерките за излез од ситуациите во кои може да се најдат особено ако боледуваат и им е одземена работната способност.

- Бројот на стари лица ширум светот расте со невидена стапка. Во 2015 година, 12,3 проценти од луѓето на планетата беа над 60 години што би значело дека 901 милиони луѓе во светската популација се постари од 60 години, а предвидувањата покажуваат дека до 2050 година овој број ќе се зголеми на над два милијарди, или во проценти, 21,5 проценти од светското население ќе биде над 60 години, истакна Петковска.

На работилницата присуствуваше и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и претставници од Германската општина Грос-Цимерн кои се заинтересирани за отпочнување на соработка на Црвениот крст Грос Цимерн и Црвениот Крст од Крива Паланка.

Работилницата е прва од серија едукативни трибини кои Црвениот крст на Република Македонија во соработка со здружението „Хуманост“ како партнери во регионалниот проект „Преземи акција за социјална инклузија на старите лица“ финансиран од Европската унија, во текот на септември и октомври ќе ги одржат во тринаесет градови од Македонија. ид/бак/17:04

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ