• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Во Велес се одржа првата стрип-колонија „Велес 2018“

Во Велес се одржа првата стрип-колонија „Велес 2018“

Велес,   септември 2018  (МИА) - Во организација на Стрип-центарот на Македонија-Велес во средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ од 21 до 26 август се одржа првата стрип-колонија во Велес, која е воедно и прва стрип-колонија во Македонија, насловена „Велес 2018“.

На првата стрип-колонија, која беше финансирана од Министерството за култура и Општина Велес, учествуваа гости од Србија - Рашка, Лесковац и Белград, од Црна Гора и автори од разни генерации од Македонија.

На вториот ден од колонијата во тој претопол 22 август 2018 лето ги посетив  како занесени во својата работа творат во една од поголемите училници занимални  во Средношколскиот дом.

стрип велес

Влегувам  во просторијата, ги поздравувам и им посакувам добар ден и успешна работа, додека тие седнати на школски столчиња и клупи цртаат замислени во своите стрип-креации.

Организаторите од СЦМ-Велес за МИА не информираат дека некои од учесниците пристигнале уште претходниот ден и веќе се приспособиле на работната атмосфера, некои штотуку доаѓаат и се запознаваат со учесниците, а секој момент на колонијата ги очекуваат да пристигнат  и младите стрип-автори од Рашка, Србија.

Како и во секоја фела, посебно кога се собрани уметници како од стрип-уметноста,  работната атмосфера е многу интересна. Посебно затоа што на едно место можете да се запознаете со стрип-автори од различни генерации: оние повозрасните и веќе искусни и афирмирани стрип-автори и професори за стрип, оние од средната генерација, од   младата, а тука помеѓу нив седнати на школски клупи и столчиња творат  и најмладите учесници - основци, средношколци и студенти.

Накратко се запознаваме со секој од нив додека цртаат, а тие продолжуваат во творечки занес во цртањето на своите стрип-дела.

Како што не информира Ване Трајков од СЦМ-Велес, нивна задача за време на петдневната стрип-колонија е да нацртаат еден стрип, без оглед дали претходно е подготвен.

Забележуваме дека секој со секого комуницира, така помладите бараат мислење од повозрасните, од искусните автори, кои ги советуваат, а тие потоа продолжуваат да творат замислени во своите стрип-јунаци.

стрип велес

Секој од учесниците носи и свои стрип-албуми и стрип-цртежи и им ги прикажува на останатите учесници, а тие со голем интерес го разгледуваат, потоа  споделуваат мислења и сугестии. Воедно тие си  даваат  и коментари за стрипот што го цртаат колегите, па повторно се враќаат на цртањето, а  додека бројот на учесници на колонијата од час во час се зголемува, атмосферата станува се поработна и поинтересна.

Колонијата се одржува под менторство на специјалниот гостин, проф. Владимир Весовиќ, кој 27 години работи во Школата за стрип и илустрациии „Ѓорѓе Лобачев“ од Белград. Тој е стрип-уметник, илустратор, графичар и аниматор. Професорот разговара со учесниците, им дава коментари и сугестии за стрип-делата и им помага да ги развиваат нивните креативни  способности.

Бидејќи во Велес веќе петнаесет години постои стрип-салонот, проф. Весовиќ за МИА ни откри дека при неговата последна ланска посета на Велес во разговор со неговиот колега Зоран Стефановиќ дошле на идеја да се направи и стрип-колонија, а што било прифатено од домаќините - организаторите на колонијата од Стрип-центарот на Македонија-Велес.

- Сега еве сме во Велес, тука сме да работиме на нови стрип-дела и да запознаеме некои нови млади стрип-креатори и сите да направиме свои трудови. Воедно притоа да разменуваме  свои творечки искуства и идеи и меѓусебно да се дружиме, а што е и целта на овие колонии. Ние тука ќе направиме свои трудови - стрипови, а ако не успееме да ги сработиме, ќе ги доработиме дома, и потоа ќе ги пратиме по пошта. Инаку сите наши дела ќе бидат претставени на изложба. Јас сум среќен што сум овде, на колонијата, и што сме собрани различни стрип-автори. Интересно е што ќе се дружиме и ќе разменуваме свои искуства, потенцира проф. Весовиќ.

Тој ни појаснува дека на колонијата нема зададена тема и дека секој од учесниците го црта тоа што вообичаено го црта и ќе направи нешто свое, а потоа  ќе го остави во Велес.

стрип велес

- Јас им донесов на младите учесници оригинали на стрипови од непознати стрип-автори, за да ги видат и да си отворат некои нови светови во светот на стрипот. За еден млад стрип-цртач најважно е постојано да работи и да учи. За да оди напред некој што има талент, сепак  мора напорно  да работи. Важно е тоа да го работи со љубов бидејќи без тоа не ќе може да оди понатаму. Видов дека на работилницата има млади што се заинтерсираи за цртање стрип и илустрации и тоа го прават со љубов и се надевам дека овие денови од работилницата ќе им помогнат да одат понатаму. Воедно им донесов и некои дигитални книги, кои ќе им ги оставам како учебници за да можат да напредуваат и да работат, појасни проф. Весовиќ.

Симон Вучковиќ од Котор, Црна Гора, стрип-автор, илустратор и карикатурист, а  кој од септември 2017 година раководи со  Школата за стрип во Котор, ни појаснува дека сите повозрасни  стрип-автори од Македонија, Србија, Црна Гора се познаваат долги години и соработуваат на полето на стрипот.

- Јас доаѓам третпат во Велес, претходно беше стрип-салон, а сега првпат е  колонија. Добив покана да се дружиме, да разменуваме мислења и идеи со колегите. Бидејќи ова е стрип-колонија, ние имаме задача да направиме стрип, а  кој потоа ќе биде отпечатен во некоја публикација и ќе остане како сведоштво на ова дружење и културна размена, потенцира Вучковиќ.

Тој како и проф. Весовиќ ни појаснува дека ако некој води школа, за тоа прво треба да биде познат по својата работа и претходно да остварил резултати на полето на стрипот.

- Јас 17-18 години сум познат по стрипот од  дневниот весник „Дан“, а оние што следат стрип преку Интернет, мојот стрип  можат  да го најдат во стрип-вести. Воедно моите стрипови ги има и на еден портал каде што стрип-авторите од просторите на поранешна Југославија ставаме информации за тоа што го работиме, а каде што излегува и мојот стрип. Јас му дадов наслов „Монтенегрини“, но луѓето го запаметија по една наша локална изрека Амо, а тоа е кога луѓето некому се обраќаат. Тие така го запаметија мојот стрип како Амо, во кој еден лик се вика Миќо, а другиот Ќоро. Да појаснам, јас на порталот Стрип-вести мојот стрип го нареков Монтенегрини, како Црногорци, појаснува Вучковиќ.

Воедно информира дека во една мала земја како што е Црна Гора со нешто повеќе од 600 илјади жители нема некој голем број стрип-автори. Но сепак потенцира дека има нешто повеќе од десет стрип-автори, кои се професионалци и се застапени во сите жанрови на стрипот: од оној во весниците, експерименталниот, до манка-стрипови, хумористичен стрип, од се’ по малку, појаснува Вучковиќ.

Ана Марија Стефаноска од Скопје, ученичка со 14 години, е една од најмладите стрип-автори, кои се учесници на колонијата за стрип.

Таа во раце го држи својот недовршен стрип, го разгледува нацртаното, размислува и се консултира со професорите и поискусните стрип-автори.

- Јас уште дома го почнав својот стрип и сега на колонијата треба да го завршам. Многу сум среќна што сум тука бидејќи имам ретка можност да добијам поддршка и учам од професорите и од моите постари колеги, а со кои се консултирам за сите мои идеи. Колонијата е одлична можност ние најмладите да научиме нешто повеќе за стрипот и да црпиме искуства и знаења од поискусните, афирмираните и познати стрип-автори од неколку земји, потенцира Ана Марија.

Тоде Блажевски од Скопје, еден од постарите учесници на колонијата, 70-годишен карикатурист и стрип-цртач, ни  појаснува дека моментално работи на комичен стрип, кој во последно време  ретко се работи.

- Во своите стрипови внесувам современи теми и современи изразни средства. На пример, едно од современите технички средства за комуникација - мобилниот телефон. Воедно јас настојувам да не се изгуби и  нашиот национален белег, па затоа понекогаш во мојот стрип внесувам мали фолклорни детали. Темите во моите стрипови се секојдневието, а  настојувам моите согледувања да ги прикажам на мој начин, преку карикатури и стрип, појаснува Блажевски.

Тој своите карикатури главно ги објавува и во електронски весници во Србија и во Турција.

- Ми се допаѓа колонијата ја поддржувам и затоа дојдов со своето учество да ја поддржам и да дадам придонес. Воедно и да размениме искуства ние, повозрасните, со помладите и со тоа да направиме нешто повеќе за развој и афирмација на стрип-уметноста, посебно меѓу младите, потенцира Блажевски.

Срѓан Јерковиќ, стрип-автор од Белград, за МИА информира дека  првпат е во Македонија и Велес.

- Одлично е што Велес и Македонија првпат организираат ваква колонија за стрип. Тоа е можност за соработка на стрип-авторите од Македонија, Србија и од Црна Гора. Разменуваме мислења, идеи и искуства и се договараме за идни соработки за развој на стрип-културата. Воедно, иако сме постари и поискусни, ние секогаш учиме нешто ново, па и од најмладите талентирани стрип-автори, кои се полни со нови стрип-идеи. Ние, стрип-авторите,  сме критичари и меѓу себе си укажуваме на грешките, а го фалиме секој колега за добро нацртан стрип и му даваме поддршка во работата, а што е многу важно за секој стрип-автор. Затоа колонијата и во иднина треба да ја поддржат  надлежните, а за истата да продолжи да се развива и во наредните години, порача Јерковиќ.

Ана Циглар е 21-годишна студентка на уметнички дизајн во Косовска Митровица, која живее во Рашка во Србија и е млада и талентирана стрип-авторка.

- Првпат сум во Македонија и Велес. Се радувам што по примерот на Рашка, каде што имаме колонија, сега и Велес и Македонија добија своја колонија. Само што пристигнав од пат и многу сум воодушевена од она што веќе го видов тука. Очекувам успешна работа и соработка и црпење идеи и искуства со колегите. Имам  свој стрип насловен „Јазбавац Ќапо“ и среќна сум што учествувам  во оваа прва македонска колонија за стрип, од која очекувам размена на идеи, знаења и искуства, најави Циглар.

Нејзиниот колега, осумнаесетгодишниот Никола Трифуновиќ, е млад стрип-автор од Рашка, а кој на колонијата сака да запознае нови колеги и да се дружи со нив преку работата, како и да научи нешто ново. Планира и  да го заврши својот почнат стрип „Сан у јави“.

стрип велес

- Колонијата е многу важна за развој на стрипот во земјите од овој регион. Значајна е што ни овозможува да стекнуваме пријателства со веќе афирмираните автори на стрип и ова е одличен начин да размениме мислења, искуства и многу да научиме. Тоа е многу важно ако некој од нас, младите стрип-автори, понатаму се одлучи и професионално да се занимава со стрип, смета Никола.

Александар Стеванов, 34-годишен афирмиран македонски стрипавтор од Штип, а кој претежно пишува сценарија за кратки стрипови, се занимава со летеринг и дизајн и има мало искуство за цртање затоа што, како што ни појаснува, вели дека бавно црта и затоа е подобар во правање сценарио за стрип.

Стеванов е автор на стрип-книги, а неодамна ја издаде и книгата „Македонскиот стрип во изданијата на Новосадски дневник“ заедно со неговите соработници Дарко Богданов и Сашо Гачев. Воедно тој неодамна беше единствен македонски учесник на стрип-колонијата во Рашка во Србија.

- Сум учествувал на многу колонии во соседните земји, но што е посебно и значајно што сега и Велес и Македонија добија своја стрип-колонија, а учесниците и можност да учат од најпознатите стрип-автори и професори за стрип од овој регион, информира Стеванов.

Тој по професија е лекар, а со стрип почнал да се занимава посериозно од 2010 година и, како што ни појаснува, тоа е поврзано со СЦМ од Велес.

Тогаш сосема случајно пратил еден стрип за учество на стрип-салонот и добил специјална награда и оттогаш редовно учествува на стрип-салонот во Велес, а сега и на првата стрип-колонија.

Стеванов редовно учествува на меѓународните стрип-фестивали во регионот и пошироко, како на домашните манифестации и групни стрип-изложби. Добитник е на десетина награди, од кои најзначајна е онаа за најдобар стрип-сценарист, освоена на 17-та Балканска смотра на млади стрип-автори 2015 година  во Лесковац, Србија.

Александар Стеванов за 2017 година го доби признанието на СЦМ-Велес, насловено „Љупчо Филипов“ , а  кое секоја година се доделува за развој и афимација на стрипот во Македонија.

Како што појаснува Ване Трајков од СЦМ-Велес, нацртаните стрипови на колонијата ќе бидат во конкуренција за првата награда на веќе објавениот интернационален стрип-конкурс, за кој рокот е 20 септември, а со тоа и објавување во ревиите „Стрип креатор“ и „Алманах“, како и традиционалната стрип-изложба, во средината на октомври во Велес.

Инаку, според организаторите од СЦМ-Велес, оваа прва стрип-колонија „Велес 2018“ е еволутивен напредок во организирањето на традиционалниот стрип-салон, кој секоја година се организира во средината на октомври во Велес.

Воедно потенцираат дека оваа стрип колонија ќе придонесе за подолготраен активен контакт и соработка помеѓу учесниците од разни земји и понатамошна афирмација и развој на стрипот во Македонија и регионот.ад/скс/10:26

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ