Патничките авиони на САД ќе се придржуваат на правилата во новата кинеска одбранбена зона

Вашингтон, 30 ноември 2013 (МИА) - Американскиот Стејт департмент  им препорача на авионските компании на САД да се придржуваат кон правилата што ги наметна Кина при создавањето на новата „одбранбена зона“ во Источното Кинеско Море.

Во посебна изјава, Стејт департментот му порача на Пекинг дека тоа не значи прифаќање на кинеските барања во новосоздадената зона, која ги покрива и петте ненеселени островчиња околу кои се спорат Јапонија, Кина и Тајван и кои подолго време се повод за засилените тензии межу овие три земји.

Кина од минатата недела побара од сите авиони да се идентификуваат при влегувањето во широката зона во овој дела од Азија.

Два американски бомбрадери Б-52, како и два авиони на јапонската крајбрежна стража, меѓутоа навлегоа во зоната без да ги почитуваат нововоспоставените кинески правила. Кина која претходно се закани дека ќе реагира на непочитувањето на нејзините нови правила, не реагираше на „упадите без идентификација“ на САД и Јапонија, но веднаш потоа, во реонот го испрати својот единствен носач на авиони, како и неколку воени бродови,а воспостави патролирање на авиони на кинеското воено воздухопловство.

Во Пекинг беше соопштено дека овие мерки се воведени за да се надгледува движењето на американските и на јапонските авиони кои се во редовно патролирање во реонот.

Воспоставувањето на новата „одбранбена зона“ предизвика остра реакција на Јапонија, САД, Тајван и на Јужна Кореја чии неколку ненаселени гребени се опфатени со зоната.

Американскиот Стејт департмент го оквалификува решението на Кина како „обид за унилатерална промена на постоечкиот статус кво во Источното Кинеско Море“, предупредувајќи дека новата ситуација може да предизвика инцидент или судир. Министерството, сепак, верува дека американските патнички авиони кои сообраќаат во регионот ќе се придржуваат на новите мерки. ти/ссм/12:42




###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.