• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Белорусија - држава со одложен суверенитет

Белорусија - држава со одложен суверенитет

8 јули 2018

Дојче Веле - Бон

Годишнината од ослободувањето од нацистичките окупатори е главниот празник во денешната белоруска држава.

Наречен Денот на независноста, тој се одбележува со парада во центарот на Минск. Покрај белоруските војници, на парадата учествуваа не само гости од Русија туку, првпат - и Кинези. Што може да значи тоа?

Лукашенко си бара заштитник

За време на парадата во Минск, белорускиот претседател го поздрави военото партнерство со Русија и со Кина. „Далечниот газда е помалку опасен од најблискиот сојузник“ - оваа поговорка најдобро го објаснува долготрајното флертување на Александар Лукашенко со Кина.

Што се однесува до Минск, Москва е премногу блиску, а Западот не нуди никаква надеж. Многумина на Запад ја сметаат белоруската армија како едноставно продолжение на силите на Русија. Овој стереотип е практично ненадминлив и покрај сите напори на официјален Минск да ги подвлече „стилските разлики“ меѓу нив и рускиот политички режим.

За одбележување е дека Русите не маршираа низ белорускиот главен град првпат. Овојпат дури и летаа над неа. Покрај 175-те припадници на десантните единици, Русија учествуваше и во воздухопловниот дел на парадата. Кинезите досега не беа поканети на парадата, и покрај тоа што Белорусија соработува со Кина повеќе години и имаат заеднички програми за производство на оружје.

Лукашенко би сакал во Кина да види гарант за независноста на белоруската држава. Формално, како и Русија, сака и Кина да биде гарант за белоруската независност од Западот. Но, фактички, тој бара гаранција за независност токму од Русија.

Оваа комбинација ја применува и Монголија, која го брани својот суверенитет од Кина. За Монголците, распадот на Советскиот Сојуз, кој ја гарантираше нивната безбедност од Кина, беше огромна геополитичка катастрофа. Соработката со Русија не запре, но постепено Монголија сфати дека вистинската гаранција за нејзината безбедност доаѓа од САД.

Монголија неутралност

САД се премногу далеку за да се мешаат во монголскиот суверенитет и затоа нивното малку видливо присуство, според Улан Батор, е заштита од опасноста од ненадејна кинеска анексија - опасност за која Монголците не зборуваат, но која секогаш им е во мислите.

Белорусија не е Монголија

Ако навистина одбрал неговата земја да тргне по „монголскиот пат“, Александар Лукашенко е во опасност да направи голема грешка.

Кина не е САД. Секако, Кинезите во моментов се обидуваат да ги засилат своите позиции низ светот секаде каде што можат, и ги градат своите први воени бази во странство. Но, засега тие јавно не искажуваат амбиции слични како американските.

Покрај тоа, денешната Кина има сосем различи, можеби дури и феудални сфаќања на концептите за суверенитетот и лојалност. Според нив, кога штитиш одредена држава, можеш да ја вртиш како сакаш. Белорусија, на пример, се покажа како добра точка за притисок во разговорите со Русија, а еден ден може да стане инструмент за навлегување во ЕУ или алатка за запирање на НАТО.

Но, во случај на неочекуван конфликт меѓу Минск и Москва, Пекинг секако ќе се тргне на страна. Русија е далеку попосакуван сојузник и има поголема тежина. Ова, впрочем, можеше да се види и во однесувањето на Кинезите кон Украина - пред и по анкесијата на Крим.

Прескапо платен белоруски суверенитет?

Лукашенко не греши кога вели дека „суверенитетот е многу рентабилна работа“. Но, кога ќе каже дека Белорусија веќе прескапо ја платила својата независност, тој е во заблуда.

Александар Лукашенко.jpg

Секако, Лукашенко тука не мисли само на херојското минато на Белорусија и победата во Втората светска војна, која навистина многу скапо ја чинеше државата, туку и на денешната независност на земјата, која постојано балансира меѓу Истокот и Западот.

Белорусија авансно ја доби својата независност кога во 1991 година беше спречен обидот за државен удар во Москва. Многумина посочуваат на тоа дека Беловешкиот договор беше потпишан токму во Белорусија, но да не заборавиме дека ниту денешните власти, ни населението на Белорусија, не се бореа за својата независност.

Ваков „подарен“ суверенитет секогаш може да биде редуциран, а можеби и целосно повлечен, сметаат, и гласно кажуваат, многумина во Москва.

Што би значело тоа за Белорусија? Очигледна е една едноставна вистина: порано или подоцна мора да се плати цената за сопствениот суверенитет. Тука најважно е таа цена да не биде премногу висока - гледајќи го примерот на Украина, таа цена честопати може да биде изразена во човечки животи.

Не може да смета ниту на Кина, бидејќи на Кинезите не им е многу важен белорускиот суверенитет. Најверојатно таа цена не би ја платил ни Западот, колку и Лукашенко да вели дека Белорусија е мост меѓу Западот и Истокот, меѓу Русија и НАТО.

Имајќи го предвид односот на силите меѓу Москва и Минск, единственото што Александар Григориевич го прави во моментов е да го одложи мигот кога ќе мора да се плати сметката. Дури и ако тоа е неговата главна улога - да биде кочничар на историските процеси - тешко дека ќе биде оценет позитивно во историјата. цч/сп/08:43

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



Мозаик

Две јапонски сонди слетаа на астероидот Ријугу (видео)

Јапонско вселенско летало „Хајабуса2“ испрати два ...

Која е разликата помеѓу белите и кафените јајца?

Најверојатно сте се запрашале за разликата меѓу ја...

Македонија го потврди учеството на Евровизија 2019

Македонија го потврди учеството на Евровизија 2019...

Во Минхен почна 185. издание на Октоберфест

Во Минхен денеска почнува 185. издание на познатио...

Кање Вест одлучи да го напушти Лос Анџелес

Кање Вест донесе одлука заедно со семејството да с...