• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Русија и Кина заинтересирани за зачувување на Договорот со Иран

Русија и Кина заинтересирани за зачувување на Договорот со Иран

Виена, 6 јули 2018 (МИА) - Москва и Пекинг се заинтересирани за зачувување на целосна имплементација на Договорот за иранската нуклеарна програма, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата со кинескиот колега Ванг Ји.

- Како и нашите кинески колеги, заинтересирани сме за зачувување и целосна имплементација на Договорот. Ситуацијата е комплексна, но како и Кина и другите потписнички на договорот, посветени сме на меѓународното право, наведе Лавров.

Во Виена денеска се одржува состанок на шефовите на дипломатијата на Кина, на Франција, на Германија, на Велика Британија и на Русија со претставниците на Иран за Договорот.

Претходно, иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека е разочаран од предлозите на европските лидери за спас на Договорот за иранската нуклеарна програма по американското повлекување.

Рохани зборувал телефонски со претседателот на Франција, Емануел Макрон и со германската канцеларка Ангела Меркел, да ги слушне нивните предлози како Договорот да остане во сила и без САД. Европските земји му нудат трговски договори на Иран со кои би се искомпензирале штетите, што земјата ќе ги претрпи поради повторно воведените американски санкции, а за возврат се надеваат дека Иран и понатаму ќе ја држи замрзната својата нуклеарна програма.

- Европскиот пакет на економски мерки не ги исполнува сите наши очекувања. Предлозите не содржат план за акција, ниту пак јасна насока кон подобрување на соработката. Беа содржани само некои општи ветувања, изјави Рохани.

САД го обвинија Иран за кршење на Договорот, особено со иранската поддршка за шиитските групи во низата граѓански војни и судири што се водат низ Блискиот Исток, и администрацијата на Доналд Трамп најави дека ќе ја сузбива иранската агресија со кратење на приливот на средства од продажбата на нафтата. ми/12:58

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.