• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Превалец и Горно Оризари до крајот на октомври ќе бидат поврзани со градскиот водовод во Велес

Превалец и Горно Оризари до крајот на октомври ќе бидат поврзани со градскиот водовод во Велес

Велес, 13 август 2018 (МИА) - До крајот на октомври годинава населбата Превалец и Горно Оризари ќе бидат поврзани со градската водоводна мрежа на Велес, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид во градежните активности за изградба на водоводната линија заедно со велешкиот градоначалник Аце Коцевски.

Тој информира дека преку Министерството за транспорт и врски и Европската инвестициска банка (ЕИБ) општина Велес има аплицирано за неколку проекти, пред се за изградба на канализациски системи за некои од населените места во рамки на кои ќе се реконструираат и седум улици.

- Во наредниот период очекуваме да почне и реконструкција на стариот пат Катланово-Велес, а до крајот на годинава да заврши и реконструкцијата на патот од Велес до Градско и од Неготино до Демир Капија. Очекуваме да имаме сериозен прогрес во динамиката на овие проекти кои треба да бидат направени за Велес, со цел граѓаните на да добијат бенифит од она што го прави општинската власт во соработка со централната, потенцира Сугарески.

Градоначалникот Коцевски информира дека го запознал министерот Сугарески со за проблемите на инфраструктурата во општина Велес и регионот, со процесот на легализација на бесправно изградените објекти, за одроните на стариот пат од Велес кон Градско, за процесот на гасификација, за состојбите на мостот кај Башино Село, како и за барањет патот од Башино Село кон Велес да не биде локален и да добие статус на регионален.

За водоводната линија од Велес кон Превалец и Горно Оризари Коцески потенцира дека е проект од исклучително значење за жителите, бидејќи тие досега со вода се снабдуваа преку азбесни цевки што се опасни по нивното здравје.

- Со реализацијата на овој проект, вреден 13,653 милиони денари, ќе решиме еден огромен проблем. Ни остануваат уште повеќе од 1,1 милион евра нискористени средства од проектот што го добивме од ЕИБ пеку Министерството и се надевам дека во наредниот период  ќе се забрза динамиката и ќе можеме да решиме уште многу важни прашања за граѓаните на Велес. Пред се, да однесеме квалитетна вода за пиење за жителите на селата Раштани и Бузалково, а потоа и до останатите села, како и да реконструираме повеќе водоводни и канализациски мрежи во градот, рече Коцевски.

Поради честите недостатоци со вода за пиење, посебно во летниот период, жителите од Превалец и Горно Оризари во повеќе наврати протестираа. Градоначалникот Коцевски апелира до жителите на Горно Оризари во иднина рационално да ја користат водата исклучиво за пиење, а не за наводнување на нивите. ад/вј/13:32

###

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ