• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Сугарески: Наскоро нов анекс договор со Синохидро

Сугарески: Наскоро нов анекс договор со Синохидро

Скопје, 17 август 2018 (МИА) - Со кинеската компанија Синохидро во моментов се водат финалните преговори за интензивно да продолжи изградбата на автопатот Кичево - Охрид, најави вечерва министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

- Очекувам до крајот на месецов да поднесеме до Владата и до Собранието нов анекс на договор со кој ќе се ослободат 230 милиони евра и на тој начин ќе се интензивира градбата. Со самото ослободување на средствата кои ќе можеме да ги алоцираме по различни ставки, ќе може да продолжи изградбата и да се платат компаниите кои работат на изградбата на автопатот, рече Сугарески во интервју за ТВ Канал 5 и додаде дека изведувачите и подизведувачите и во моментво работат во делот кај што нема проблеми.

Тој нагласи дека паралелно се работи на препроектирање на пропустите поврзани со тунелот, свлечиштето и пристапните патишта. 

За автопатот Скопје-Штип, чиј рок за изведба истекува на 30 септември годинава, рече дека очекува да биде навреме завршен.

- Имваме средба со Синохидро и подизведувачите и нашите очекувања се дека до 30 септември овој автопат ќе биде комплетно завршен и пуштен во употреба, потенцира Сугарески.

Во моментов додаде, интензивно се работи и на експресниот пат Крива Паланка - Ранковце. Има интензивирање и на активноста на делот од Крива Паланка до границата, каде ќе бидат реконструирани пет километри, а на осум ќе биде изграден нов патен правец. 

Сугарески им порача на граѓаните дека се сигурни и безбедни сите мостови кои се изградени на државните патишта и се во надлежност на државата. 

- На Коридорот 10 НАТО ги има реконструирано сите мостови, а на Коридорот 8 во тек е реконструкција по сите европски стандарди на пет мостови на патот Кичево-Гостивар, а наскоро ќе се санираат седум други мостови, посочи Сугарески.

Министерот за транспорт и врски потврди дека наскоро ќе биде објавен нов тендер за евтини авиолетови.

- Евтини авиолетови во Македонија ќе има и јавниот повик за нискобуџетни авиокомпании ќе биде распишан во наредните неколку денови. Следната недела Владата ќе ја донесе уредбата и по неколку дена потоа ќе биде распишан нов тендер, рече Сугарески.

За поништувањето на претходниот тендер рече дека е направено заради административни пропусти во понудата.

- За мене најприоритетно е моето работење да биде законски и чисто и од тоа нема никогаш да отстапам. На претходниот тендер се јави една компанија, која имаше  административни пропусти во понудата и затоа беше поништен. Ги повикувам сите нискобуџетни авиокомпании што се заинтересирани да се пријават на тендерот што ќе биде објавен во наредните денови, потенцира Сугарески.

Нагласи дека очекува во третиот и четвртиот квартал од годинава сериозно да се интензивира реализацијата на капиталните инвестиции.

- Онаму каде што јас сум надлежен како министер за транспорт и врски реализацијата на капиталните инвестиции е 59,7 проценти и тоа може да се види на терен. Интензивно работиме во голем дел на општини во Македонија. Една од причините за намалувањето на реализацијата е проблемот што се јави со гасификацијата на Водно, посочи Сугарески.

Претстојниот референдум го оцени како фер шанса, која ќе ни овозможи нас и на идните генерации Република Македонија  да оставари еден од клучните приоритети - членство во НАТО и ЕУ и нагласи дека е убеден оти референдумот ќе успее и дека Македонија ќе оди напред.

- Договорот кој е постигнат со Република Грција за нас сериозно го зајканува македонскиот национален идентитет. Секој што го прочитал може да види дека комплетно е заштитен македонскиот јазик и македонскиот народ. Затоа со чиста совест стојам зад референдумот и ќе бидам еден од оние што ќе одат на терен, каде ќе кажувам зошто граѓаните треба да го одберат зачленувањето во НАТО и на кој начин комплетно се заштитени националните интереси, посочи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. вј/вг/19:42

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ