РСБСП: Како последица на брзо возење лани загинале 72 лица

РСБСП: Како последица на брзо возење лани загинале 72 лица

Скопје, 25 август 2018 (МИА) - Брзото и неодговорно однесување во сообраќајот и понатаму останува главна причина за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици, укажува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во одредени ситуации, како што соопшти денеска РСБСП, намалувањето на брзината на возење од само 5 километри на час може да биде клучно дали одредена незгода ќе се случи или не, и дали последиците од незгодата ќе бидат фатални или не.

Во сообраќајни несреќи лани во Македонија животот го загубиле 155 лица, а од нив речиси половина, 72 лица, се загинати како последица на брзо возење.

Според истражувањето на РСБСП, во Република Македонија, повеќе од 80 проценти од анкетираните возачи изјавиле дека некогаш ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината што укажува на сериозноста на проблемот и на неговото потценување од страна на возачите.

- Брзината е критичен фактор во сите сообраќајни незгоди. Возењето е непредвидливо и доколку се случи нешто што не можете да го предвидите, брзината е клучниот фактор што ќе биде пресуден дали ќе можете да го застанете возилото на време, потенцира РСБСП.

Со брзина од 32 километри на час оптималната дистанца потребна за запирање е 12 метри,  а при брзина од 112 километри на час за запирање е потребно растојание од  96 метри. Брзините се калкулирани според време на реакција од 0.67 секуди, со претпоставка дека возачот е целосно сконцентриран и не му се намалени рефлексите од умор.

Базирано на една симулација, намалувањето на брзината на автопат од 120 до 110 километри на час може да придонесе за намалување на потрошувачката на гориво кај современите автомобили за 12 до 18 проценти, со претпоставка дека лимитот за брзината се почитува 100 проценти, информира РСБСП и укажува дека бавното и смирено возење ги намалува емисиите на штетни издувни гасови.

- За поголема безбедност, за помал број настрадани лица во сообраќајни незгоди, за подобра мобилност, за заштеда на гориво и заштита на животната средина - намали ја брзината и почитувај ги правилата за ограничување на брзината, наведува во апелот до возачите РСБСП.лв/мд/12:58

###



Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ