• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Почнува 46. Струшки ракометен турнир

Почнува 46. Струшки ракометен турнир

Струга, 15 август 2018 (МИА) – Струга по 46. пат од денеска до недела ќе биде домаќин на Меѓународниот струшки турнир, на кој ќе учествуваат осум екипи од седум земји.

Турнирот ќе го отвори домаќинот Струга во мечот со Железничар, а по свеченото отворање натпревар ќе одиграат Доброгеа суд и Ачингсас, а по нив Целје и Еурофарм Работник.

Учесниците на турнирот денеска на прес-конференција изразија задоволство за можноста да си ги одмерат силите и да видат до каде се со формата за новата сезона што претстои.

Тренерот на РК Струга Андон Бошковски посочи дека натпреварите ќе им послужат како подготовка за Суперлигата.

- Ние со квалитет не припаѓаме на оваа група екипи. Тука имаме светски и олимписки шампиони. Овие натпревари ќе ни послужат како добра подготовка за Суперлигата. Се надевам дека целата мака на Наумче Мојсовски, ќе се исплати и луѓето што ќе ги гледаат овие мечеви ќе уживаат, рече Бошковски.

Задоволство што ќе учествува на натпреварите изрази тренерот на српски Железничар, Веселин Вујовиќ, кој нагласи дека во Струга се чуствува како дома. Очекува добар турнир и дека нговиот тим ќе одигра добро. Андрија Маџар, ракометар во овој тим посочи дека ова ќе биде прво искуство за дел од неговите соиграчи да играат на отворено.

- По долги години, Железничар се враќа на овој несекојдневен турнир и драго ни е што сме дел од него. Има близок контакт со публиката, се игра на отворено, многу играчи не играле во таков амбиент, рече Маџар.

Левото крило на Француски Немања Илиќ очекува добри натпревари, кои воедно ќе бидат и подготвителни, а ќе бидта одлично искуство за тимот.

Трета сезона на струшкиот ракометен турнир ќе настапи тимот на Алингсас од Шведска, чиј тренер Михаел Францен очекува добра подготовка за претстојните напори во домашниот шампионат и во ЕХФ Купот.

- Ќе играме со многу добри тимови и ова ќе биде како мала Лига на шампиони. Се надевам дека публиката ќе гледа добри натпревари, а за нас ќе биде добра подготовка за она што ни претсоти, рече Францен.

Натпреварите на овој реномиран турнир добро ќе му дојдат и на битолски Еурофарм Работник, рече новиот тренер на тимот, Ѓорѓе Чирковиќ.

- Во Струга се чувствува веќе ракометна атмосфера. За нас овој турнир доаѓа во незгодно време. Имаме многу промени во клубот, нов тренер, нови играчи. Но, нема ништо подобро, од натпревари со силен противник за да видиме до каде сме, изјави Чирковиќ.

Македонскиот репрезентативец Немања Прибак и играч на турски Бешикташ се заблагодари за добрата организација на турнирот нагласувајќи дека во Струга се чуствува како дома.

Голема чест што е дел од турнирот изрази и тренерот на Доброгеа Суд, Ѕвонко Шундовски.

- Убаво е чувството е да си во својата држава и после подолго време пред своите новинари. За мене е голема чест да играме овде со странска екипа. Можам да кажам само пофални зборови за организаторот. Турнир од ранг на Лига на шампиони. Се надевам дека сите екипи што играат овде ќе дадат максимум и љубителите на ракометот ќе уживаат во квалитетен ракомет, рече Шундовски.

Капитенот на Целје, Давид Разгор нагласи дека првпат словенечка екипа да игра на овој турнир со богата традиција.

- Нашата екипа е малку различна од лани. Ова е првпат Целје да игра на овој турнир, каде има многу квалитетни екипи. Мислам дека секој може секого да победи. Не знам во каква форма сме, но ќе видиме на теренот. Наша цел е да победиме на сите мечеви, подвеле Разгор. сс/ев/16:37

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ