Парондо: На секој натпревар да одиме на победа

Парондо: На секој натпревар да одиме на победа

Скопје, 27 август 2018 (МИА) - Вардар и Металург традиционално новата сезона во СЕХА Газпром лигата ќе ја започат со македонско дерби. Македонскиот шампион првично средбата требаше да ја игра на гостински терен, но во договор со клубовите натпреварот ќе се игра во СЦ „Јане Сандански" во среда од 20:45 часот.

- Се извинувам што не можам на првата прес-конференција да зборувам на македонски јазик. Уште не сум подготвен за да зборувам добро, но за еден месец ќе можам да го направат тоа. Стартуваме во СЕХА лигата со натпреварот против Металург. Имаме проблеми со неколку ракометари. Играме повторно со тим кој е наш стар ривал. Ова не е најдобар момент за нас бидејќи не сме комплетни, но нашата стратегија е на секој натпревар да одиме на победа, истакна на денешната прес-конференција тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.

Тренерот на Вардар се осврна и на натпреварот од Суперкупот во Струга на кој македонскиот шампион го совлада Металург со 33:24.

- Одигравме добра средба со Металург во Струга во Суперкупот. Сега ситуацијата е поинаква и ова е сосема друг натпревар. Го почитуваме противникот, но нашата цел ќе биде да одиме на победа на секој натпревар, наведе Парондо.

Во отсуство на капитенот Стојанче Стоилов на прес-конференцијата беше присутен Тимур Дибиров.

- Се соочуваме со проблем каков што никој не посакува. Ниту еден пат не трениравме комлетни. Играчите постојано имаат здравствени проблеми. Најавуваме интересна и возбудлива сезона. Сакаме да покажеме квалитет без разлика кој ќе биде во составот. Не сме уште константни во моментов и уште не сме најсигурни, но ќе биде подобро. Ќе видиме како ќе биде во февруари и во март. Имаме нов тренер и играчи и ни треба време. Бараме поддршка од сите. Ни треба поддршка од навивачите, но и од медиумите, изјави Дибиров.

Ракометарот на Вардар за дуелите со Металург наведе дека секогаш се неизвесни.

- Металург секогаш дава максимум против Вардар. Очекувам да биде потешко отколку во Струга. Сега Металург имаше време да се подготви за првото коло од СЕХА. Одиме со почит и кон Металург и кон секоја екипа, нагласи Дибиров.

За Вардар ова е осма сезона во СЕХА лигата, а македонскиот шампион е четирикратен освојувач на регионалното натпреварување. дб/аа/15:52

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ