Кошаркарите ги започнаа подготовките за претквалификациите

Кошаркарите ги започнаа подготовките за претквалификациите

Скопје, 31 август 2018 (МИА) – Кошаркарската репрезентација денеска го одржа првиот собир во пресрет на втората рунда од претквалификациите за Европското првенство во 2021 година.

Македонија е во група со Косово со кого играме натпревар на гости на 13-ти септември и со Романија со која ќе се соочиме во Скопје на 16-ти септември. Првопласираниот од оваа група продолжува директно во квалификациите за континенталниот собир додека останатите две селекции ќе продолжат во третата фаза од претквалификациите.

- Го поминавме првиот круг, почнуваме со вториот. Како и сите други репрезентации и ние имаме проблеми со играчите и нормално е за овој период да биде така. Но, што е тука е, ќе се прилагодуваме. Ќе почнеме денес, другите ќе се приклучат подоцна. Ги чекаме шестмината од МЗТ Скопје, како и странските кошаркари - Бојан Трајковски, Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски... Иако на хартија натпреварите изгледаат лесно, ќе бидат доста тешки, особено во ваква ситуација. Ќе се обидеме максимално да се подготвиме и да одиграме на ниво, нагласи селекторот Јорданчо Давитков.

Особено важен, рече тој, ни е првиот натпревар против Косово.

- Оптимист сум, мислам дека ќе успееме во овој циклус. Разговарав со Хендрикс неколкупати. Ако кажам дека нешто е конечно - ќе излажам. Уште разговараме со него и со клубот. Јас до последен момент нема да се откажам. Како што сега стојат работите, многу тешко е да го имаме Хендрикс. Но, да видиме, беше тешко и пред девет месеци, па во последен момент го добивме. Друга комбинација немаме - или Хендрикс, или без странец. Витингтон е повреден, а Џордан од февруари не настапува. Но, со БиХ, Холандија и Португалија игравме без странец. Работите ќе зависат од нас и нашите глави. Ако психички влеземе подготвени во натпреварите, може да одиграме на ниво, зависи дали со или без странец, рече Давитков.

На првиот собир кошаркарите кои играат за МЗТ Скопје Аеродром (Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко, Андреј Магдевски, Марко Симоновски, Љубомир Младеновски) го најавија своето отсуство, како и капитенот Војдан Стојановски, Бојан Трајковски, Стојан Ѓуроски и Ненад Димитријевиќ. дб/ев/21:28

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ